Потребен е позитивен сигнал од ЕУ, но Северна Македонија треба да си ја заврши домашната задача за спроведување на реформи

Иако усвојување на преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија е важен чекор и позитивен импулс за владата и институциите, сепак, неопходно е државата да има јасна визија и стратегија независно од одлуките на Европските институции, континуирана соработка и координација помеѓу институциите, на политичко и техничко ниво, за спроведување на реформите кои се од директно значење за државата.  

На конференцијата „Меѓу извештаите, напредокот и усогласеноста – како до суштински квалитетен процес на усвојување на acquis на ЕУ“ беше презентирана анализата на ЕПИ на извештајот на Европската Комисија и се дискутираше за факторите кои влијаат на квалитетот и динамиката на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ.

Северна Македонија има релативно добро ниво на усогласеност со acquis, но неопходна е имплементација на законите и подзаконските акти. Во одредени области, како што се поглавјата  12 – Безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика и 29 – Царинска политика има континуиран напредок и се одржува високото ниво на усогласеност со европското acquis. Но, во повеќето поглавја, и кластери, согласно новата методологија, има стагнација, па дури и назадување во однос на динамиката на реформите.

Како еден од главните проблеми за оваа состојба беше посочен одливот на кадар од јавната администрација, но и проблемот со неатрактивноста на јавната администрацијата за квалитетните кадри.

Говорниците и учесниците на конференцијата посочија на потребата за соодветна политика за задржување на искусните и привлекување на нови квалификувани кадри е неопходен чекор кој ќе обезбеди одржливост и унапредување на работата на институциите. Таква политика треба да се базира на поголем финансиски надоместок за вработените, унапредување на системот на промоција на кадри, и други „меки“ механизми кои би ја мотивирале администрацијата, како на пример можноста за ротирање во други институции.

Покрај добар технички кадар во администрацијата, потребна е силна политичка посветеност и визија. Говорниците посочија дека во областите каде државата има добри оценки во извештајот на ЕК постои посветеност на раководството и средниот менаџмент на соодветните институции во однос на програмирање, планирање и реализација на програми, како што е случајот на Царинската управа.

Понатаму, учесниците разговараа за потребата за подобрување на соработката помеѓу институциите и следење на деловниците и процедурите при предлагање и усвојување на европското законодавство. Улогата на Секретаријатот за европски прашања треба да биде зајакната во насока на унапредување на координацијата помеѓу институциите. Од друга страна, пак, Секретаријатот се соочува со предизвик на следење на процесите за подготовка на акти кои влегуваат во законска процедура. Секретаријатот не е секогаш се соодветно консултиран и институциите не ги следат сите фази низ кои треба да помине постапката.

На настанот беше истакнато дека Секретаријатот работи на унапредување на Националната програма за усвојување на правото на Европската унија и креирање на онлајн платформа која ќе овозможи дигитализација и подобра координација помеѓу институциите. Дополнително, оваа платформа ќе даде пристап и на јавноста да може да ја следи имплементацијата на програмата што ќе ја подобри транспарентноста на институциите, но и ќе обезбеди јавен притисок кон институциите.

Секретаријатот за законодавство, кој се соочува со недостаток на човечки ресурси, не успева да одговори на потребните во донесувањето на законски акти.

Говорниците посочија дека неотпочнувањето на преговорите влијае на политичката волја за реформи и мотивацијата за работа на техничките структури во министерствата. Одлука за почеток на преговорите во Советот на ЕУ би дала стимул, но не треба на тоа да се гледа како клучен и единствен чекор за спроведување на нашите обврски кон Унијата.

Нивото на усогласеност на националното законодавство во однос на европското acquis е добро во споредба со државите кои веќе ги отпочнале преговорите. На конференцијата беше потенцирано дека третманот кој го добиваат државите кои започнале преговори за членство и државите кои се уште немаат започнато со преговорите добиваат ист третман од Европска Комисија.

Во таа насока, беше посочено дека државата треба подобро да го искористи пристапот на доделување на средствата по принципот „прв дојден-прв услужен“ во однос на ИПА средствата. Имплементацијата на европското законодавство станува голем финансиски товар на државата, но и на приватниот сектор, па затоа потребно е да се направат соодветни анализи и планови за тоа како да се управува со донаторската помош која ја добиваме од ЕУ но и од билатерална донаторска помош, во насока на имплементација на европското законодавство.

Говорниците на конференцијата имаа поделени мислења во однос влијанието на новата методологија за пристапни преговори. Заедничкото отворање, односно меѓузависноста на преговарачките поглавја во рамки на еден кластер, ги усложнува преговорите за секое од подрачјата. Од друга страна, пак, беше посочено дека тоа става товар врз администрацијата за паралелен напредок во повеќе области.

Усогласувањето на националното законодавството со она на ЕУ е од особен интерес на приватниот сектор. Застој на усвојувањето на измените на законите оневозможува пристап на Единствениот пазар, но и ја ограничува иновациската активност на компаниите. Приватниот сектор треба да биде проактивен во следење на регулативите на ЕУ и да биде двигател на промена. Овој сектор треба да биде коректор на државните институции.

Comments are closed.