Иновации во јавната администрација: Поттикнување на промени преку интеграција во ЕУ и секторски реформи

На 5 и 6 ноември го организиравме регионалниот состанок за реформа на јавната администрација како дел од проектот ВЕБЕР 3.0, спроведуван од мрежата Мисли за Европа.

Членовите на WeBER платформата од Западен Балкан се сретнаа и разговараа за РЈА на регионално ниво. Оваа платформа обединува повеќе граѓански организации, владини претставници, меѓународни и регионални организации, заедно со истакнати независни експерти, кои споделија своите согледувања за најновите случувања во РЈА.

Настанот започна со поздравни обраќање од директорката на ЕПИ Симонида Кацарска, заменик премиерот за добро владеење Арбен Фетаи, ЕУ амбасадорот во Северна Македонија Н.Е. Михалис Рокас, заменик министерот за јавна администрација Лазе Јакимоски и тим-лидерката на проектот ВеБЕР 3.0 Милена Михајловиќ од Центарот за европски политики од Белград.

Програмата исто така содржеше и панел дискусија за најновите трендови и случувања во полето на реформата на јавната администрација на Западниот Балкан и ЕУ. Во оваа сесија за новите трендови дискутираа Питер Ваги, координатор на SIGMA/OECD за Западен Балкан и Турција, Маја Ханџиска – Трендафилова, директорка на Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА), Јан-Хинрик Мајер-Сахлинг, професор по политички науки на Универзитетот во Нотингем, Тиина Рандма – Лиив, професорка и претседавачка за јавен менаџмент и политика на Технолошкиот универзитет во Талин, Томас Пророк, извршен директор во KDZ – Центар за истражување на јавната администрација.

Состанокот на WeBER платформата во попладневните часови се фокусираше на интегрирање на принципите на РЈА во секторските политики. Во две паралелни сесии, членовите на ГО презентираа прелиминарни резултати и препораки од посебните анализи за земјите од Западен Балкан, за тоа како овие принципи се вградени во националните секторски политики. Учесниците разговараа за предизвиците со кои се соочиле за време на процесот на мониторинг и дадоа препораки за нивно надминување. Оваа вежба за следење на секторските политики, првично пилотирана во рамките на проектот WeBER 2.0, беше спроведена преку користење на методологија развиена од истражувачкиот тим на WeBER.

Проектот ВеБЕР 3.0 е имплементиран од мрежата Мисли за Европа која ја сочинуваат Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, Институтот за демократија и медијација од Тирана, Институтот Алтернатива од Подгорица, Групата за правни и политички студии од Приштина, Надворешнополитичка иницијатива од Сараево, координирани од Центарот за европски политики од Белград.

 

Иницијативата е главно поддржана од Европската Унија и кофинансирана од Австриската агенција за развој. Во соработка со партнерот на ниво на ЕУ, Центарот за истражување на јавната администрација (KDZ) во Виена, Мрежата продолжува да ја зајакнува партиципативната демократија преку поттикнување на ефективно вклучување на граѓанските организации (ГО) oд Западен Балкан во РЈА. Партнерите го поддржуваат инклузивниот ангажман на граѓаните во следењето на напредокот на РЈА, усогласувајќи се со барањата за пристапување во ЕУ и принципите за јавна администрација на СИГМА/ОЕЦД.

Comments are closed.