Дискусија: Медијацијата е повеќе од судови и адвокати, тaa е култура која брзо се развива во земјава
Медијацијата е многу повеќе од судови и адвокати, таа е култура. Треба јавноста истата да ја прифати, бидејќи е важно медијацијата да се прошири подалеку од правниот дел.
Ова беше еден од главните заклучоци на промотивниот настан „Унапредување на квалитетот на медијацијата“ организиран од ЕПИ во рамките на проектот „Медијација, без дилема!“.
Настанот го отворија директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, заменик-амбасадорот на Кралството Холандија Роберт Декер, заменик-министерот за правда Агим Нухиу, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска и претседателката на Комората на медијатори, Гордана Богеска. Тие го претставија и поздравија досегашниот развој на медијацијата во земјава, поставувајќи ги идните предизвици.
За клучните предизвици во имплементацијата на новиот Закон за медијација говореше Радица Лазаревска Геровска од Министерството за правда, додека за расположливите техники и психолошката подготвеност како предуслов за подобрување на квалитетот и професионалноста на медијаторите зборуваа Јан ван Цвитен, претседател на Холандската федерација на медијатори и Хеа ван Кломпенберг и Марјон Куиперс, експертки од областа на медијацијата.
На настанот се истакна дека медијацијата ги поттикнува двете спротивставени страни да седнат на иста маса заедно со непристрасна страна и да постигнат компромис од кои сите ќе излезат како победници.
Медијацијата како начин на решавање на спорови може да помогне за дополнително намалување на бројот на судски случаи, со што се намалуваат и трошоците за граѓаните и државата, но истовремено и сите имаат подобар пристап до правдата.
Како позитивни за промоцијата на медијација во земјава беа истакнати проектите на ЕПИ и Холандската амбасада, кои медијацијата од концепт на хартија и десетина предмети за пет-шест години ја претворија во илјадници предмети започнати и решени по пат на медијација.
Овој промотивен настан за медијација служеше како отворање на втората обука за сегашни и идни обучувачи за медијација. Обуката се одржува во соработка со Холандската федерација на медијатори, од страна на холандски експерти за конкретни теми и вештини поврзани со медијацијата. Во петте дена, сегашните и идни македонски обучувачи за медијација се запознаваат со современети методи и вештини од областа.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Медијација, без дилема!“ кој Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје го спроведува во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Комората на медијатори на Република Северна Македонија и Холандската федерација на медијатори. Проектот е финансиран од Кралството Холандија.