Европа на „концентрични кругови“ повторно на сцената

Мај 04, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

  • Заживуваат дебатите за диференцираната интеграција во ЕУ –

Од самотo основање на Европската унија живи се идеите за т.н. „диференцирана интеграција“. Со овој поим се означуваат различни форми на интеграција и соработка меѓу членки, но и не-членки на ЕУ. Вообичаено се прави разлика меѓу внатрешниот аспект на ова прашање, кој се однесува на членките на ЕУ, и надворешниот – на оние кои не се членки.

Причините кои доведоа до развивање на различните концепти на диференцирана интеграција се главно сѐ поголемата разновидност меѓу членките на ЕУ, но и различните интереси и преференци на државите членки. Вообичаено расправата за нив се разгорува пред промена на примарното право на Унијата – на нејзините основачки договори. Овие идеи доаѓале од различни протагонисти од различни држави членки – од Де Гол со неговиот предлог за директориум на неколку држави членки меѓу повеќе членови на економската заедница, преку Вили Брант со неговата идеја за градација на интеграцијата, до Митеран и Спинели со обид за внесување на „европско јадро“ во основното право на Унијата.

Според моделот на варијабилна (променлива) геометрија, различни држави членки учествуваат во различни политики, во рамките на заеднички интеграциски концепт. Според моделот, пак, на Европа „со повеќе брзини“, сите држави членки учествуваат во сите политики, но во различно време, зависно од нивната способност за имплементација. Моделот Европа à la carte (или „Европа на клубови“) е претставен како ресторантско мени – секоја држава учествува во оние политики и методи на соработка односно интеграција, што самата ќе ги избере.

Како што вообичаено бидува, теоретските модели не се остваруваат целосно во практиката. Меѓутоа, тие беа инспирација за воведување основи за различни форми на интеграција и соработка, така што диференцираната интеграција внатре во Унијата е реалност. Така, не сите држави членки учествуваат во Единствената монетарна унија – некои затоа што не го сакаат тоа, други затоа што не ги исполнуваат условите. Во постојаната структуирана соработка во безбедноста и одбраната не учествуваат Данска и Малта. Покрај тоа, Данска и  Ирска се иззедоа од некои облици на соработка во областа на правдата и внатрешните работи.  Европската комисија во 2017 година претстави Бела книга со пет сценарија за ЕУ, која содржи и опции за варијабилна геометрија.

Идејата за Европа на концентрични кругови, која се врзува со најуспешниот претседател на Европската комисија Жак Делор, наједноставно се претставува како можност ЕУ да се организира во различни кругови, чие јадро би го сочинувале членките во сите области на интеграција, а периферијата – другите кругови со различни степени на интеграција. Поточно, Делоровиот концепт се состоел од четири круга:  федерално јадро или внатрешен круг, втор круг кој се состои од економски европски простор, трет кој се состои од мрежа на договори за соработка и четврт – составен од договори со променливо-геометриска природа. Овој концепт во извесна мера и се остварува. Надворешниот аспект на диференцираната интеграција се огледа  најсилно во Европската економска област, но и во ШЕНГЕН, во кој не учествуваат сите држави членки на ЕУ, но учествуваат членки на Европската економска област и на ЕФТА.

Уште во 2018 година, сега по втор пат избраниот француски претседател Макрон ја инаугурираше неговата визија на стратешка автономија за ЕУ, кој го вклучува и концептот на концентрични кругови. Тој говори за три концентрични круга: јадро на засилена соработка и повисок степен на интеграција; заеднички пазар и „поширока Европа“. Според него, остварувањето на оваа визија подразбира ревизија на договорите на ЕУ, секако вклучувајќи и институционални промени, каква што е, на пример, намалување на бројот на членовите на Европската комисија.

Не е чудо што европратеникот Гати од политичка групација на Макрон во неодамнешната дискусија во Комисијата за надворешни  работи повторно го актуелизираше концептот на концентрични кругови, што го потврди и во интервјуто за МИА, овојпат во контекст на апликацијата на Украина (и Грузија и Молдавија) и нејзините импликации врз перспективите за членство во ЕУ на државите од Западниот Балкан. Паралелно, се појавуваат и идеи за вградување на „фазно пристапување“ во постојната методологија за проширување, во обид да се пробие стагнацијата во процесот на пристапување – и на ниво на идеи и на ниво на практика.

Веројатна е негативна реакција на властите на државите од регионот на различните вакви (стари или нови) идеи, гледајќи во нив алтернативи за членство. Меѓутоа, не е опција ниту тие да се игнорираат.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.