Јавно обраќање по повод издавањето на извештајот на ЕУ и САД за проценка за одржување на кредибилни избори на 24 април 2016 година
Дo:
Амбасадор на ЕУ, Н.Е. Аиво Орав
Амбасадор на САД, Н.Е. Џес Бејли
Почитувани,
Како дел од граѓанското општество во Македонија, би сакале да Ви се заблагодариме за сиот труд и посветено време во насока на постигнување успех за потпишување на Договорот од Пржино, како и реализација на договореното преку посредникот Питер Ванхојт.
Досегашното спроведување на Договорот од Пржино беше бавно и селективно со значително задоцнување во клучните реформски процеси, како што беше нотирано и од мониторингот на граѓанските организации. Принципите и целите на Договорот се занемарени и фокусот е на избрзани подготовки за предвремените парламентарни избори на фиксниот датум од Договорот.
Воедно, Итните реформски приоритети не се спроведуваат. Имајќи предвид дека предвидените реформи се во доменот на владеење на правото, нивното остварување е директно поврзано со овозможување на кредибилни избори.
Земајќи го сето ова предвид, ние како граѓански организации, сметаме дека сè уште не се создадени услови за фер и кредибилни избори, како што и се предвидени од Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети и со цел задржување на препораката на Европската комисија за започнување на преговори за членство во ЕУ.
Апелираме до Вас, како засегнати страни, исто како и нас, да препорачате одложување на изборите се до создавање на услови за кредибилен изборен процес според точките од Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети.Во прилог можете да го погледнете целосното обраќање на ИДСЦС, ЕПИ, ИКС и Коалицијата Сите за правично судење до амбасадорите на ЕУ и САД во земјата.
Интегралниот текст од обраќањето може да го преземете овде.
Со почит,
Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС)
Институт за европска политика (ЕПИ)
Институт за комуникациски студии (ИКС)
Коалиција Сите за правично судење