ЕПИ ја спроведе четвртата Национална дебатна анкета

На 6 и 7 јули, околу 150 граѓани дискутираа и прашуваа за надворешната политика на Северна Македонија, усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и за односите на земјава со НАТО во рамки на четвртата Национална дебатна анкета за демократија организирана од ЕПИ, во соработка со Deliberative Democracy Lab од Универзитетот Стенфорд од САД.
По дискусиите во 11 фокус групи, граѓаните поставуваа прашања на панели составени од политички и експерти. На првиот ден и на темата надворешна политика и усогласеност со ЗНБП прашањата на граѓаните ги одговараа Дрита Абдиу Халили, Малинка Ристевска Јорданова, Марко Трошановски и Ивица Боцевски. На вториот ден прашањата за односите на Северна Македонија со НАТО ги одговараа Илина Мангова, Методи Хаџи Јанев, Павле Арсоски, Ненад Марковиќ и Алберт Муслиу.
Дебатната анкета е уникатна форма на политички консултации која ги комбинира техниките на испитување на јавното мислење и јавната расправа. Таа цели да претстави како би изгледало јавното мислење на одредена тема, доколку граѓаните би имале можност повеќе да се запознаат со темата. Дебатната анкета ги прикажува преференците и мислењата на граѓаните и пред и по детално запознавање со темата.
Дебатната анкета ги мери резултатите, но и промените во ставовите на граѓаните пред и по дебатниот настан.
Овој настан беше организиран во рамките на проектот „Поттикнување анализа на политики и јавна дебата 3.0“ финансиран од Националната фондација за демократија и во соработка со Универзитетот Стенфорд од САД.

Comments are closed.