Нова криза – ветви пораки за Западниот Балкан

Мар 22, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

  • Нема забрзана интеграција како одговор на геостратешките предизвици –

Во последната турнеја на Западниот Балкан потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата Жозеф Борел избра да ги посети Албанија, Македонија и Босна и Херцеговина. Изборот му паднал на во моментов најпослушните и на во моментов најризичниот. Се чини дека Србија и Косово ќе беа преголем залак за оваа посета, а Црна Гора непотребна компликација во посетата што, се чини, требаше да биде со најмал ризик.

Клучната порака што Борел требаше да ја прати беше дека Унијата не го занемарува Западниот Балкан во услови на криза, туку напротив, дека е потребно „будење“ и заживување на европската агенда. Од друга страна, Унијата очекува регионот да биде солидарен со неа во единствената заедничка надворешна политика, затоа што тоа се очекува од одговорни  членови на меѓународната заедница во одбрана на меѓународното право.

Пораките упатени на Македонија и Албанија секако беа синхронизирани. На изостанаа пофалбите и благодарноста за солидарноста во ставовите за Украина и воведените санкции на Русија. Искажана беше и подготвеност да се помогне во справувањето со последиците од кризата, иако без најава за нови средства или фондови.

Онаму кадешто Унијата може да направи исчекор – во отворање на преговорите за Македонија и Албанија, пораката беше разочарувачка. За разлика од есенските неисполнети ветувања од страна на претседателката на Европската комисија Фон Дер Лајен, сега отсуствуваа какви и да е ветувања – единствено повторување дека во ЕУ постои волја и ангажман. И повторениот двосмислен став – дека Унијата нема да внесува билатерални спорови во проширувањето, но дека очекува заемно прифатливо решение од двете (нерамноправни) страни – Бугарија и Македонија, само дополнително ја фрустрираше македонската јавност. Затоа бледите и декларативни пораки делуваа изветвено за граѓаните од регионот.

Она што беше различно беа одговорите на домаќините. Откако ја прифати топката во нејзиниот двор, Македонија продолжи со ветувањето дека ќе бара решение со Бугарија, со нова конструктивност и залет на новите влади, истовремено барајќи забрзана интеграција на земјата и регионот како влог во стабилноста. Албанскиот премиер пак, ја повтори неговата порака дека Албанија стрпливо ќе ја чека долго очекуваната свадба со ЕУ, одложувана не по нејзина вина, и ќе работи на домашните реформи, префлајќи ја топката во дворот на ЕУ. За разлика од Скопје, во Тирана беа многу поизразени очекувањата за забрзување и засилена поддршка на конкретни  проекти.

По принципот „да ти кажам ќерко, сети се снао“, пораките секако требаа да стигнат и до ушите на оние кои во оваа турнеја беа прескокнати – Србија, Црна Гора и Косово. На Србија ова би требало да ѝ биде опомена за непридружувањето кон санкциите на ЕУ кон Русија. Меѓутоа, паралелните пораки од Франција за пријателство и лична поддршка на францускиот претседател за Србија (според официјалното француско соопштение) односно дека Србија останува клучен приоритет и прва земја за влез во ЕУ (според официјалното српско соопштение) го пресретнаа овој сигнал. Црна Гора, во ек на владина криза, по губењето на довербата и со неспроведени санкции кон Русија во оваа рунда не беше претпочитана дестинација.

Претседавачот, пак, на Босна и Хeрцеговина Жељко Комшиќ, веројатно да не изгуби чекор со новите апликации, пред околу две седмици упати барање до ЕУ да ѝ додели кандидатски статус, мотивирајќи го со геополитички причини. Тој доби најјасен одговор од Борел – дека без исполнување на 14-те веќе поставени  услови од страна на ЕУ за кандидатски статус, тоа нема да се случи. Инаку, фокусот во БиХ беше посетата на мировната мисија на ЕУ Алтеа, зголемена за 500 нови членови, и покрај  проценката, искажана од Борел, дека во моментот нема сериозни безбедносни закани за БиХ.

Досега е веќе извесно дека Унијата не планира забрзана интеграција на Западниот Балкан како одговор на гео-стратешките предизвици. Нема никаков нов одговор, туку само изветвени пораки – нешто што и реално ги заслабува позициите на ЕУ и најмалку може да дејствува поттикнувачки за лидерите и граѓаните во балканските земји кои се во постојано исчекување. А токму разочарувачката порака до Македонија и Албанија може да има контра-ефект во регионот, во вид на продолжување и зајакнување на играта на повеќе карти.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.