„Знаете, тие се само деца“
Овој документ ја анализира медијацијата и системот за правда за деца. Една од најупотребуваните фрази е онаа дека „Децата се нашата иднина“. Секое дете има право на услови и поддршка за да го оствари својот целосен потенцијал. Истовремено, системот не придонесува кон посветла иднина за децата кои дошле во конфликт со законот и нема емпатија и разбирање за нивното минато. Децата кои доаѓаат во конфликт со законот најчесто се и жртвите кои поминале многубројни негативни искуства во детството.
Потребно е да се даде приоритет на ресторативниот пристап преку медијацијата и други ресторативни мерки во сите фази на работење со деца и млади во системот за правда. Во овој процес, институциите треба да имаат интерсекторски пристап со холистичка стратегија, земајќи ја предвид пошироката заедница, поширокото семејство, училиштето, соседството и контекстот во кои се развиваат децата. Кривично-правниот систем треба да се води од околностите, возраста и потребите на детето, наспроти тоа да се води од големината и тежината на делото. Во оваа смисла, потребно е сите професионалци со кои детето доаѓа во контакт во рамките на правосудниот систем да бидат информирани и за тоа како траумата влијае на детето и на неговиот развој.
Документот е изработен во рамките на проектот „Медијација, без дилема!“, кој Институтот за европска политика го спроведува во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев, Комората на медијатори на Република Северна Македонија и Холандската федерација на медијатори. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.