Од Европскиот парламент: Пофалби, билатерализација, контрадикторност

Мај 23, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

Со една констатација изнесена од бугарските европратеници во дискусијата по овогодишната Резолуција за Извештајот за Северна Македонија се сложувам: дека таа содржи контрадикторни ставови. Тоа е резултат на лобирањата, бројните направени компромиси, партиските усогласувања и надмудрувања, вклучувајќи и до последните денови пред усвојувањето.

Годинешниов тек на подготовката и расправата за Предлог-Резолуцијата предизвика неспоредливо помалку внимание во јавноста од порано, освен на самиот крај. Како овој документ, барем во јавноста, да падна во сенка на сите „падни – стани“ настани околу бугарското вето за почетокот на преговорите со Северна Македонија. За жал, и во парламентарниот процес, како главна тема се наметнаа условите што Бугарија ѝ ги поставува на Северна Македонија во пристапувањето, па клучната битка се водеше токму околу амандманите за овие прашања.

Првобитниот текст на Предлог резолуцијата од февруари е нецели 9 страни, конечниот содржи двојно повеќе – 18. Во комисиската постапка (надлежна е Комисијата за надворешна политика) беа поднесени 350 амандмани, по што Комисијата го усвои текстот со компромисните амандмани предложени од известителот Чучук. Во оваа грмушка се скрија амандмани кои значително го сменија текстот и ја внесоа билатерализацијата на пристапниот процес во Резолуцијата.

Структурата на Резолуцијата е слична на ланската: најпрвин се општите членови кои се однесуваат општо на реформите на реформите и пристапниот процес, а потоа поднасловите за функционирањето на демократските институции; медиумите и граѓанското општество; темелните права; владеење на правото; општествено-економски реформи, енергија, транспорт и животна средина; регионална соработка и надворешна политика.

Во општиот дел клучна е пофалбата за посветеноста на Северна Македонија на реформите поврзани со ЕУ и повикувањето веднаш да почнат преговорите, во светло на нагласените нови геостратешки услови. И во овој дел се сместени повеќе различно формулирани ставови за билатералните прашања. Сепак, најзначајно е што со еден  од усвоените амандмани кои беа поднесени на крајот на пленарната постапка (од страна на групата на зелените и либералите) Парламентот ги охрабри Бугарија и Северна Македонија „да го решат својот културно-историски спор одделно од пристапниот процес на Северна Македонија и веднаш да овозможат организирање на првата меѓувладина конференција, бидејќи Северна Македонија ги исполни сите официјални критериуми“.  Да потсетиме, тоа е референца на португалскиот предлог, кој македонската страна го прифати, но бугарската енергично го отфрли. Овде Резолуцијата дури и ги потсетува државите членки дека политиката на проширувањето мора да биде водена од објективни критериуми.

Ако се чита, пак, делот за регионална соработка, ќе се забележи големото влијание на бугарското лобирање и внесувањето на елементи од бугарскиот наратив во Резолуцијата. Така се повикува „…да отпочнат пристапните преговори, при тоа истовремено да се решаваат нерешените билатерални прашања содржани во „мерките 4+1“ кои што треба да бидат доволно имплементирани и разрешени во текот на процесот на интеграција во ЕУ“. Очигледен пример за внесување на бугарскиот наратив и толкување на Билатералниот договор за соработка е амандманот внесен на предлог на групата на народните и конзервативни партии, кој повикува на историско помирување, засновано на „дефинирана заедничка историја“, но и текстот со кој се бара интензивирање на работата на учебниците.

Со подеталната анализа се забележува дека бугарскиот наратив има влијание и на текстовите во другите делови на Резолуцијата, особено демократија и владеење на правото, што е индикација како бугарските барања ќе се вградуваат во интеграцискиот процес.

За жал, немаме простор за анализа и на другите аспекти на текст, кој не отстапува од општопознатите препораки (и од Извештајот на Комисијата, и од заклучоците на Советот на ЕУ) во однос на реформите. Како и да е, компромисниот текст содржи доволно елементи за секој да може да цитира она што му одговара, како на пример – пофалбата дека Северна Македонија продолжува да покажува најдобри резултати во демократската транзиција во регионот.

Најгласни во расправата, но и најактивни во предлагањето амандмани, беа оние бугарски претставници што сега ги нема во бугарскиот националниот парламент – ВМРО, но и претставник на ГЕРБ. Тие, секако, се обидуваа за своите ставови да ги освојат пратениците од сопствената пратеничка група – на народните и конзервативни партии, со делумен резултат. Интересно е што на крајот ЕПП сепак го повлече амандманот со кој се тврдеше дека се дискриминираат граѓаните кои изразуваат бугарски идентитет односно етничка припадност. Групата на Зелените/либералите е најгласна за невнесување на билатералните прашања во преговорите, главно поддржана и од социјалдемократите – секако без бугарските пратеници од оваа групација. Во Групата „Обнова на Европа“ може да се забележи поделеност во однос на билатералните прашања.

Пленарната расправа, за жал, беше затруена со, најблаго речено, дегутантните говори на тројката најгласни поборници за бугарското вето (Џамбаски, Јорданов, Слабаков). Иако добија гласност, тие останаа изолирани во нивните настапи, во очигледна дисонанца со изнесените ставови на политичките групи.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.