Глобалниот индекс за мир – некои лекции за западниот Балкан

Авторка: д-р Симонида Кацарска

Привлечноста на ЕУ за западниот Балкан конвенционално се објаснува преку очекувањата за забрзан демократски и економски развој. Имајќи ги предвид неодамнешните војни и конфликти во регионот, исклучително е значајно приближувањето кон ЕУ да се гледа и од перспектива на безбедноста и помирувањето. Корисна алатка за таа анализа е Глобалниот индекс за мир, кој проценува неколку аспекти на мирот, вклучително општествена безбедност, тековни домашни и меѓународни конфликти и ниво на милитаризација на ниво на држава и регион. Според индексот, Европа вообичаено е најдобро рангиран регион во целиот свет од воведувањето на индексот во 2008 година. Во извештајот од 2021 година, осум од десетте најдобро проценети држави се во Европа.

Државите од западниот Балкан се традиционално на дното на индексот во европскиот контекст, укажувајќи на потребата да се работи на подобрување на сите димензии. Во изминатите две години, најголем скок во регионот несомнено има Северна Македонија поради подобрување кое се должи на напредок во областа на тековни конфликти, преку решавањето на спорот со името со соседна Грција. И покрај мноштвото на предизвици кои постојат, сепак се цени дека ова прашање во земјата веќе нема толкав потенцијал да креира конфликт. Со овој скок Северна Македонија е на 40тото место на индексот, а по неа во наредните 10 се и Србија (44), Албанија (48) и Црна Гора (51). Босна и Херцеговина и Косово се на 71 и 80 место, укажувајќи на потребата на нивно приближување до останатиот дел на регионот.

Сепак, ако ги погледнеме земјите членки на ЕУ, јасно е дека членството во ЕУ помага, но не е гаранција за унапредување во контекст на активен мир. На пример Грција и Франција во европски контекст се земји кои и покрај нивниот перформанс од други аспекти, се наоѓаат на дното. Од друга страна, дел од земјите членки кои пристапија во ЕУ во 2004 година, како што е Словенија се проценети дека се наоѓаат помеѓу првите 10 во светот.

На глобално ниво, споредено со 2008 година кога индексот е воведен, ситуацијата е значително влошена со просечен пад на секоја земја од два проценти. Секако, периодот за кој говориме е период на глобална економска криза, бегалска криза, како и револуции и конфликти на Блискиот исток кои значително влијаеа на влошувањето на светско ниво. Европа е исклучок од овој тренд како регион во кој има подобрување во дадениот период. Секако, пандемијата на КОВИД-19 има значително влијание за влошување на состојбата, особено во контекст на насилството и демонстрациите, но и нејзината економска димензија која ќе биде долготрајна.

Од горенаведеното, регионот на западен Балкан има две клучни лекции кои би требало да ги земе предвид во контекст на градењето на активниот мир во регионален контекст. Прво, членството во ЕУ помага но нема да биде гаранција за напредок во активниот мир и мноштвото на компоненти кои го сочинуваат активниот мир. Второ, ако сакаме значително да ги подобриме националните перформанси, ќе мора сите да работиме за унапредување на општата ситуација во регионот преку инвестирање во нашите држави, но и кај нашите соседи. Решавањето на клучни спорни прашања и отворени конфликти меѓу државите е клучно не само од политички аспект, туку како начин преку кој се влијае на сите поврзани димензии, вклучително економијата и поширокото општествено помирување и развој.

Блогот е прв пат објавен на „Опкружување“

Comments are closed.