Извештај за 2020 година за резултатите од спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година
Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформа на правосудството 2017-2022 (Стратегијата) содржи показатели што треба да го утврдат степенот до кој мерките од Стратегијата се спроведуваат успешно. Сепак, овие показатели се претежно ориентирани кон мониторинг на продуктите од предвидените активности и посветуваат малку внимание на исходите (outcomes) и влијанието
(impact) врз Стратегијата. Освен тоа, показателите во голема мера се фокусираат на работата на правосудните институции, без доволно да се земе предвид влијанието што го има Стратегијата врз граѓаните.
Овој извештај од следењето на Стратегијата го следи планот за мониторинг на спроведувањето и евалуација на резултатите од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година, што содржи индикатори ориентирани кон граѓаните и нивната интеракција со правосудството, за стратешките цели, насоки, мерки и активности од Стратегијата. Со воведувањето показатели за мониторинг и оценување на спроведувањето на Стратегијата, ориентирани кон граѓаните, проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“ има цел да го промовира владеењето на правото и да поттикне поголем фокус кон човековите права во правосудните институции. Показателите ги мерат резултатите од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 низ призмата на човековите права и ефектите врз граѓаните, наспроти целокупното работење на секторот.
Во овој извештај се опфатени следните стратешки цели на Стратегијата: квалитет, ефикасност, транспарентност, стратешко планирање и креирање политики, правосудни институции, казнено-правна област, прекршочно-правна област и граѓанско-правна област. Притоа, индикаторите не ги опфаќаат следните стратешки цели на Стратегијата: независност и непристрасност, одговорност, пристап до правда (со исклучок на нотаријат, извршување и медијација), Судски совет, Совет на обвинители, управно-правна област.