Менталитетот и неинформираноста главни причини поради кои државата не е членка на ЕУ, сметаат граѓан(к)ите
Интеграцијата на Република Северна Македонија во меѓународните структури не е нов процес, туку е долгорочна борба на реформи и ветувања. Условите врз кои се раководи нашиот влез во Европската Унија постојано се реструктурирани, отежнувајќи го процесот, но истите влијаат и врз перцепцијата и желбата на граѓан(к)ите за интеграција на земјата. Граѓан(к)ите сметаат дека менталитетот на нашиот народ, како и недоволната информираност од страна на институциите се едни од главните причини поради кои државата не може да продолжи понатаму, и да стане дел од меѓународните сили.
Дискусијата „Добрососедски односи и ЕУ интеграции: До каде сме и на каде се движиме?“ имаше цел да ги вклучи граѓаните во дебатна дискусија преку која ќе се откријат мислењата во однос на процесот на евроинтеграција и можностите на државата. Таа се одвиваше во формат, поделена на два дела. Првиот дел од дискусијата беше оставен целосно на граѓаните учесници, кои имаа можност да го изразат своето мислење и некои дополнителни ставови меѓусено. По тоа, во вториот дел граѓаните имаа можност да постават прашања за кои имаат дополнителен интерес до експертка од таа област.
Како дел од дискусијата покрај учесниците од Источниот и Југоисточниот регион, беше поканета и членката на управниот одбор на Институтот за европска политика ЕПИ- Скопје, Малинка Ристевска Јорданова, како експертката во вториот дел од дискусијата која директно даде допонително објаснување на прашањата на граѓаните. Дискусијата беше модерирана од Соња Стојадиновиќ.
Учесниците истакнаа дека тие не се доволно информирани за евроинтегративниот процес и како ќе влијае тој процес врз нив и државата. Поради недостаток на квалитетна комуникација од страна на институциите кои површно ги комуницираат дејностите и процесите, како и нивната селективност врз основа на тоа што ќе биде објавено за јавност а што не, општеството губи доверба во нивната работа. Има доста сектори каде има значителен напредок во процесот, но тие недоволно се презентирани во јавноста. Институционалната несреденост на ниво на држава во голема мера се разликува од европските институции и нивната функционалност. Истотака, се смета дека менталитетот на општеството не е соодветно подготвен да биде дел од ЕУ.
Масовната партизација во сите сектори се појавува како голем проблем. Постои партизација во јавните институции, особено во јавната администрација, но не изоставува ни во приватниот сектор. Според учесниците не постои минимален консензус ни свесност околу прашањето за партизација и потребна е поголема одлучност од страна на политичките субјекти да ја постават партизацијата како врвен приоритет. Истотака, самите граѓан(к)и треба да прават поголем притисок и да бидат гласни за реализација на нивните права.
Понатау, во однос на младите, тема која беше доста дискутирана за време на настанот, беше потенцирано дека е потребно да им се обезбедат повеќе можности за да може да се врати желбата да останат во државата. Нивото на миграција на младите во странство поради образвание, економски причини, но и партизацијата на државата се зголемува секоја година. За да може на младите да им се обезбеди поволна општествена атмосфера, потребно е да се направи анализа на институциите. Преку анализата ќе се докаже кои сектори работат, што правиме правилно и каде има недостатоци, за да може тие да ги надминеме, наместо само да ветуваме нови можности.
Во однос на евроинтеграциите, покрај недостатоците на ниво на држава, како дополнителна причина која влијае врз процесот е и самата ЕУ. Постои евроскептицизам и незадоволство бидејќи од страна на ЕУ, постојано се даваат декларативни заложби и има дополнителни барања кои треба да исполнат, а во целиот процес земјата релативно малку се посветува кон она што е потребно и приоритетно како држава. Државата се поставува спремна да ги прави сите реформи кои ЕУ ги налага, но истиот напор и одговор не е возвратен, па поради тоа државата треба да го задржи својот интегритет во рамки на своите приоритети за да може да продолжи кон исполнување на меѓународните приоритети. За добрососедските односи со Грција и Бугарија, од личните искуства, учесниците укажаа на соработка и комуникација помеѓу граѓаните, надвор од официјалните документи. Меѓуграничните градови, како што е Гевгелија, имаат соработка во економската сфера со градови од Грција, а пак пред бугарската блокада, пример од градот Делчево, имале поволна комуникација и сорабитувале на проекти со училиштата во Бугарија. Учесниците сметаа дека негативните политики не смеат да имаат влијание врз интегративните процеси.
За време на дискусијата со Малинка Ристевска Јорданова, се начнаа бројни прашања за пристапните преговори, односите со соседските земји и за напредокот на земјата. Беше истакнато дека актуелниот проблем со Бугарија беше изненадување за многумина и доведе до кршење на договорот и разнишување на довербата која понатаму ќе влијае и во други сектори на соработка. Стапките за влез во ЕУ секоја година се покоплицирани, поради што како држава мора да се освртиме кон подобрување на сите полиња наместо само оние кои сметаме дека се битни. Но и покрај недостатоците имаме и поволни резултати кои често се занемаруваат. ЕУ покажува напори да ја надмине блокадата поставена од Бугарија, но можноста за компромис сеуште не е обезбедена. Земјата има области во кои покажува голем напредок и развој, како и предели во кои е потребно да се обрати поголемо внимание. Сепак, останува на тоа дека е потребна поголема заложба, политичка волја и внимателност да се работи на напредокот во многу важни сектори како што се демократијата, влаеењето на правото и животната средина.
Настанот беше организиран како дел од проектот „АКТ – Активна граѓанска акција 2.0“, спроведен од Институтот за европска политика – Скопје соподдршка од Центарот за делиберативна демократија од УниверзитетотСтенфорд од САД. Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy од САД. Оваа дискусија, заедно со уште 4 останати дебатнидискусии со граѓани на различни теми низ целата држава, ќе придонесат заразвивање на Национална дебатна анкета која е планирана во 2022 година.