Стапува на сила Протокол 15 кон Европската конвенција за човекови права. Кои се новините?
Авторка: Билјана Котевска
Со ратификувањето од Италија на 21 април 2021 година, Протоколот 15 за изменување на Конвенцијата за заштита на Човековите права и основните слободи (Протокол 15, П15) е и официјално ратификуван од сите високи договорни страни на Конвенцијата за заштита на Човековите права и основните слободи (ЕКЧП). Со ова, исполнет е условот за стапување на сила (член 6, П15) и овој протокол ќе стапи на сила на 01 август 2021 година. Кои се новините кои ги носи Протокол 15 и што тој значи за ЕУ интеграциските процеси?
Спринт по одлуката на домашен суд: рокот за жалба се скратува на четири месеци
Досега, апликант(к)ите можеа да ја поднесат својата жалба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во рок од шест месеци по финалната одлука на највисокиот домашен суд (член 35(1), ЕКЧП). Со Протокол 15 овој рок се скратува за два месеци (член 4, П15). Ова е можеби и една од најкритикуваните одредби од протоколот поради нејзиното очекувано негативно влијание за (потенцијалните) апликант(к)и но и за нивните застапници/чки, иако е промовирана како одредба насочена кон поголема ефикасност на ЕКЧП системот. Некои од критиките се дека не ја зема предвид реалната ситуација при домашното одлучување во која известувањата за исходот од домашните судски процеси не секогаш се навремени, но и им го скратува времето на апликант(к)ите за добра подготовка за претставување на нивниот предмет пред судот во Стразбур за една третина од досегашното време. Од 1 февруари 2022 година (член 8(3), П15), рокот за жалби ќе биде четири месеци. Оваа одредба не е ретроактивна.
Разбирањето на „значителна штета“ се менува веднаш и за сите
Според член 35 од ЕКЧП каков што гласи во моментов, „Судот нема да прифати никаква индивидуална жалба доставена врз основа на членот 34, ако оцени дека … подносителот не претрпел значителна штета, освен доколку почитувањето на човековите права како што се дефинирани во Конвенцијата или нејзините протоколи бара разгледување на жалбата според заснованоста и под услов да не може да се одбие случај врз основа на тоа што не бил соодветно разгледан од страна на домашен суд.“ Со Протокол 15, се брише делот „и под услов да не може да се одбие случај врз основа на тоа што не бил соодветно разгледан од страна на домашен суд“ (член 5, П15). И оваа измена цели кон поголема ефикасност на ЕКЧП системот, преку овозможувањето на судот да се растерети од тривијални прашања и подобро да ги користи бенефитите од начелото de minimis non curat praetor. Оваа измена стапува веднаш на сила, на 01 август 2021 година и ќе се применува при одлучувањето за допуштеност за сите предмети по овој датум.
Нема веќе можност за приговор на пренесувањето надлежност на Големиот судски совет
Протокол 15 ја укинува можноста на страните во спорот да приговараат на пренесувањето на надлежност од Судскиот совет на Големиот судски совет (член 3, П15). Вакво пренесување беше можно „доколку случајот што е на разгледување пред определен Судски совет предизвикува сериозни прашања во врска со интерпретацијата на Конвенцијата или нејзините протоколи или доколку решението на некое прашање може да води до контрадикција со одлука што Судот претходно ја донел“ (член 30, ЕКЧП). Очекувањето е дека судските совети и понатаму ќе ги консултираат страните во врска со своите намери и дека ќе дадат појасни назнаки во врска со допуштеноста на предметите што, во големата слика, би ги забрзало процесите и зголемило конзистентноста на судската практика.
Се спушта старосната граница за избор на судии/јки
Според Протокол 15, кандидат(к)ите за судии/јки ќе мора да имаат помалку од 65 години на денот на кој Парламентарното собрание ја побарало листата од три кандидати за судии (член 2(1), П15) и нема да мора да се пензионираат на 70 години (член 2(3), П15). Ова е генерално позитивна измена бидејќи оневозможува избраните кандидат(к)и да бидат дисквалификувани поради надминување на возраста за пензионирање или да мораат да го прекинат својот мандат прерано поради пензионирање.
Зацементирање на субсидијарноста и маргината на допуштеност
Досегашните принцип на „субсидијарност“ и доктрина на „маргина на допуштиност“ влегоа во преамбулата на ЕКЧП. За некои, ова е зацементирање на позицијата на два концепти со кои судот редовно се користеше низ годините. Но, за други, селективното додавање само на овие два е јасен сигнал дека станува збор за измена поради потреба да се уверат високите договорни страни дека ЕСЧП ќе ја задржи својата позиција во процесите на реформа на системот на ЕКЧП.
Што значи ова за ЕУ интеграциските процеси?
Сè уште ништо. По ладниот туш од декември 2014 година од Европскиот суд на правдата, со кој оваа нависока судска инстанца во Европската унија практично се изјасни негативно во врска со пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП, преговорите формално продолжија дури во септември 2020 година, а состаноци се одржаа и во февруари и март 2021 година. Европскиот суд на правдата цитираше проблеми во врска со надлежностите и местото и автономијата на ЕУ правото наспроти ЕКЧП и дополнителни проблеми во врска со некои од новите протоколи, како на пример Протокол 16. Очекувањето е дека овие, како и други спорни точки, би биле предмет на нов нацрт договор за пристапување на Европската унија кон ЕКЧП. Но, и откако истиот би се договорил, ќе остане долгиот процес на ратификување на пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП од страна на сите земји-членки на ЕУ но и на сите високи страни договорнички на ЕКЧП. Дотогаш, корисна референца и мост помеѓу ЕКЧП системот и ЕУ интеграцијата останува Повелбата за темелните права на Европската унија, која впрочем почива на стандардите и текстот на ЕКЧП, и работата на Агенцијата за темелни права на Европската унија.