Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020: Евалуација на стандардите за човековите права низ призмата на Повелбата на ЕУ за фундаментални права
Институтот за европска политика, Министерството за надворешни работи и Хелсиншкиот Комитет за човекови права одржаа тркалезна маса на тема: „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020: Евалуација на стандардите за човековите права во Северна Македонија низ призмата на Повелбата на Европската Унија за фундаментални права, во пресрет на отворањето на ЕУ пристапните преговори”.
Состојбите со човековите права во нашата земја за првпат се вклучени во извештајот за темелните човекови права на европската Агенција за фундаментални права и со тоа институциите добиваат корисна алатка во креирање и ревидирање на сите политики за човекови права во нашата држава, што пак треба да придонесе за отстранување на бариерите и препреките за нивно остварување
На тркалезната маса, на која учествуваа претставници на граѓанското општество и институциите надлежни за остварување на основните права, при што свои видувања за темата дадоа министерот за надворешни работи, Никола Димитров, Народниот првобранител и набљудувач во Агенцијата на ЕУ за фундаментални права, Иџет Мемети и директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска.
– Ние никогаш законот за заштита од дискиминација не го гледаме само како барање од Европската Унија. Од друга страна, тој е критериум на директивите на ЕУ. Значи, тој не е некое меко право, не е аспект на усогласување на одредени одредби со пракси, туку е потреба за да можете да исполните критеримумите во поглавјето 19, социјална политика и во поглавјето 23, појаснува Кацарска.
Според неа, државата стои доста добро со земјите-членки на Унијата во однос на усогласеноста со европското законодавство, но она на што ќе треба да се поработи и што останува како предизвик во следниот период е градењето на судската пракса и имплементацијата на неколку закони како што се законот за социјална заштита, инклузивните аспекти на Законот за основно образование и новите одредби за регулирање на говорот на омраза.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска рече дека Агенцијата преку националните партнери се обидува да ги мапира најважните развои во законодавството и стратешки документи и политики донесени од институциите.
Од искуството при изработка на извештајот, посочи Кацарска, во голема мера е прашањето на документирање.
– Затоа апелирам до институциите на своите веб страници да ги документираат сите активности кои што ги преземаат, бидејќи имавме ситуации кога се обраќавме во минситерства или институции да вклучат нешто, што знаеме дека го направиле, на своите веб страници. Во спротивно тоа едноставно не постои за Агенцијата, изјави Кацарска.
Во извештајот, посочи Кацарска се нотира носењето на Законот за заштита од дискриминација кој беше поништен од Уставниот суд, Законот за социјална заштита, инклузивните аспекти од Законот за основно образование, новите одредби за регулирање на говорот на омраза, со акцент на нивна имплементација и градење на судска пракса.
Извештајот на Европската агенција за фундаментални права беше објавен на 11 јуни годинава и покрај земјите членки на Унијата и Велика Британија, ги опфаќа и нашата држава и соседна Србија. ЕПИ како национален партнер на ФРА придонесе за овој извештаj.