Европскиот парламент повика на вклучување на земјите-кандидатки на конеференцијата „Иднината на Европа“
Европскиот парламент на својата веб страница ја објави предлог резолуцијата за ставот на парламентот за конференцијата „Иднината на Европа“. Во сегментот „Организација, состав и управување со процесот на конференцијата“, парламентот посочи дека конференцијата треба да најде начин за вклучување на претставниците на земјите-кандидатки за ЕУ во дискусиите за иднината на Европа.
За ваков формат на дијалог повикаа Франција и Германија во заедничкиот нон-пејпер, а истата беше најавена и во Агендата за Европа на новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Со предлог резолуцијата, Европскиот парламент за прв пат даде јасна слика за целите, форматот и темите кои ќе бидат опфатени во рамките на конференцијата. Парламентот ја потврди потребата за постоење на отворена платформа која ќе ги собере граѓаните, со значајна улога за младите, граѓанското општество и европските институции како еднакви партнери кои ќе имаат директна можност да влијаат на утврдување на приоритетите на политиките на ЕУ.
Согласно предложената временска рамка, во нон-пејпејот на Франција и Германија, концептот на конференцијата и институционалниот мандат треба да се финализираат до крајот на јануари, а форматот и целите на конференцијата ќе бидат договорени меѓу Парламентот, Советот и Комисијата.