ПОВИК за подготовка на истражувачки трудови
Информации за проектот
Институтот за европска политика (ЕПИ) во рамките на проектот „Активна граѓанска акција за демократија“ (Active Citizenship Action for Ensured Democracy) поддржан од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy)[1], објавува повик за изработка на истражувачки трудови со препораки или опции за политики, кои ќе се презентираат на јавна дебата во тематски области: 1. Унапредување на демократските институции и 2. Еднаквост за сите.
Предвидена е поддршка на вкупно 6 (шест) истражувачки трудови.
Целта на истражувањата е да се направи дополнителна анализа на клучните идентификувани приоритети на граѓаните преку дебатната анкета спроведена во текот на 2019 година. Клучните наоди од анкетата се достапни на:
http://epi.org.mk/wp-content/uploads/2019/10/Summary_tekst_NED_27.09.2019_MK.pdf
Теми за истражувањата
Истражувањата треба да претставуваат длабинска и систематична анализа на конкретни прашања и да понудат опции за јавни дебати и промена на јавни политики, на следниве шест теми:
Област: Унапредување на демократските институции
Тема 1: Колку се оправдани привилегиите кои ги уживаат високите функционери во Македонија?
Тема 2: Како до „прочистено“ судство и независни судии?
Тема 3: Како да се поттикне Собранието да врши зголемен надзор врз борбата против корупцијата во јавните институции?
Област: Еднаквост за сите
Тема 1: Како да се зајакне улогата на синдикатите во заштита на работничките права?
Тема 2: Законот за јазици – придобивка или камен на сопнување?
Тема 3: Како до рамномерен регионален развој?
Напомена: истражувачите може да подготват и студија на случај на горенаведените теми.
Јавни дебати
Истражувачките трудови ќе се презентираат на јавни дебати во Скопје и во уште еден град во земјата. ЕПИ ќе ги организира и ќе ги покрие сите трошоци поврзани со дебатите. Избраните истражувачи имаат обврска да учествуваат на јавните дебати.
Насоки за избор на истражувачите
Право да учествуваат на овој повик имаат истражувачи кои ќе подготват анализи со јасно дефинирани препораки за подобрување на политиките.
Основните критериуми за пријавените кандидати ќе вклучуваат соодветно образование на темата на апликацијата, релевантно искуство од најмалку 3 години во областа на предложената тема. Пожелно е кандидатите да имаат претходно истражувачко искуство.
Кандидатите треба да достават:
- Биографија
- Пропратно писмо
- Краток апстракт на одбраната тема
- Методологија и работен план
По доставувањето на апликациите, тимот на ЕПИ ќе ја оцени апликацијата врз основа на следниве чекори: 1. Административна проверка: Проверка дали се доставени потребните документи; 2. Евалуација на апстрактот. 3. Евалуација на методологијата и работниот план. За секој чекор, тимот на ЕПИ ќе додели поени што на крајот ќе ги утврдат избраните апликанти.
По изборот и доколку е потребно ЕПИ ќе обезбеди дополнителна поддршка за спроведувањето на истражувањата и подготовка на дебатите, во форма на менторирање, пристап кон извори за истражување, методолошка поддршка и слично.
Спроведување на активностите
Средствата наменети за спроведување на истражувачките трудови се со вкупен фонд од 224 370,00 МКД. Максималниот износ за кој можат да аплицираат истражувачите е 37 395,00 МКД (бруто). Истражувањата ќе се спроведуваат од 27.01. до 30.04.2020 година. Првата нацрт верзија од истражувачките трудови треба да биде подготвена до 31.03. додека втората треба да биде готова до 30.04. По доставувањето на втората верзија на трудовите, тие ќе бидат предмет на анонимна рецензија од искусни истражувачи. Кандидатите ќе имаат можност да ги унапредат своите трудови, според насоките од рецензентите. ЕПИ со истражувачите ќе потпише договор во кој ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски.
Исплатата на грантовите ќе се врши на следниов начин:
Прва рата – 50% од целосниот грант по потпишувањето на договорите;
Втора рата – 50% по спроведување на договорот.
Големината на документите за јавна политика не треба да надминува 7000 зборови (без анекси и библиографија).
Етички напомени
Истражувачите се обврзуваат коректно да ги наведуваат изворите на податоци во истражувањето. Во случаи на плагијаризам, ЕПИ ќе го раскине договорот со истражувачот/истражувачката и ќе бара поврат на средствата уплатени за истражувањето.
Временска рамка на активностите во проектот:
24 јануари 2020 | Потпишување на договорите |
27 јануари – 31 март 2020 | Прва нацрт верзија |
31 март – 30 април 2020 | Втора нацрт верзија |
1 мај – 20 мај 2020 | Рецензија |
21 мај – 1 јуни 2020 | Финална верзија |
Прва половина на јуни 2020 | Одржување на јавни дебати |
Пријавата треба да се достави на [email protected] . најдоцна на 22 јануари 2020 година.
[1] Проектот предвидува зајакнување на граѓанското учество во развивање и унапредување на демократските и реформските процеси во државата, преку дискусии и дијалог за клучни прашања во македонското општество и директно учество на граѓаните во креирање на политики засновани на докази.