Институтот за европска политика ја поддржува Парадата на гордоста

Задутре, на 29-ти јуни, во нашата земја за прв пат ќе се одржи Парада на гордоста – Skopje Pride. Внимателно одбраниот датум е воедно и педесет годишнина од историските немири во Стонвол, Њујорк, што е пресвртна точка во движењето и симбол за непокор и истрајност во борбата за еднаквост и права на лезбејките, гејевите, бисексуалците, транс лицата и интерсекс лицата (ЛГБТ*И лицата).

Институтот за европска политика целосно ја поддржува првата Парада на гордоста бидејќи истата доаѓа од ЛГБТ*И заедницата, од потребата за видливост и да се каже #ТукаСме, од потребата да се исцрта патот до еднаквост и еднакви права за сите наши граѓанки и граѓани, како и од потребата да се каже гласно стоп на долгогодишното насилство, хомофобија, лезбофобија и трансфобија на која секојдневно се изложени најголем број од нашите сограѓанки и сограѓани кои се ЛГБТ*И лица. Парадата ја разбираме и како повик до државата за да продолжи да гради институционална рамка и капацитети каде сите ЛГБТ*И лица ќе може да се обратат слободно и да ги остварат своите права, повик да се истражат и признаат насилствата и неправдите од минатото, како и повик за #солидарност со борбата за еднаквост која е една и заедничка за сите нас.

Би затвориле со зборовите на еден од организаторите на Skopje Pride, Славчо Димитров – долгогодишен ЛГБТ*И активист и теоретичар.

„Гордоста тука претставува спротивставување на логиката некој да се посочува со прст, да те засрамува за тоа кој е, кого сака, каков културен и социјален живот формира. Гордост заради тоа што излегувате во контекст во кој сте исклучувани дискриминирани, жртви на говор од омраза. Деца и млади луѓе се исклучувани од семејствата а во институциите, особено транс луѓето, се девалвирани. Во социјалната атмосфера на понижување излегуваме на улица, во општество во кое од сите страни ви велат дека сте ‘изопачени, болни, настрани…’. Овие луѓе во таков контекст решаваат да излезат надвор, да ја заземат улицата која е заеднички простор и да бидат видливи наспроти оние кои им велат ‘останете во 4 ѕида’.”-  Славчо Димитров.


Comments are closed.