Реформи од клупа – колку можат да бидат ефективни? [Одредниците на ЕУ за Македонија]

Апр 11, 2018

epiadmin

Новости

0

Институтот за европска политика (ЕПИ) го објави истражувањето за ефективноста на механизамот на одредници (benchmarks) на Европската Унија во Македонија, кое е спроведено во рамките на проектот БЕНЧЕР. Во рамките на истражувањето се анализираше ефективноста на одредниците на ЕУ за Македонија во 8 области од Поглавјата 23 и 24.

Погледнете ја компаративната анализа за државите од Западен Балкан овде: Reforming from the Bench – Marking Offside [Comparative Analysis].

Вовед кон истражувањето

Во рамките на новиот пристап на Стратегијата за проширување на ЕУ — „прво основите“, процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ се фокусираше врз демократијата и владеењето на правото. Покрај принципот дека поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на демократијата и владеењето на правото се отвораат први и се затвораат последни во текот на пристапните преговори, новиот пристап исто така се потпира и на опширен систем на поставување одредници. Како што се дефинира во официјалните ЕУ документи, одредниците се мерливи алатки кои го подобруваат квалитетот на преговорите обезбедувајќи стимулација за земјите кандидати да ги преземат потребните реформи уште од рана фаза – тие се мерливи и поврзани со клучните елементи на поглавјата на аки (acquis, Законодавството на ЕУ). Одредниците се поставени за пристапните преговори за поглавјата на аки – отворање и затворање на одредници. За поглавјата 23 и 24, покрај одредниците при отворање и затворање, дефинирани се и привремени одредници.

Механизмот за поставување одредници исто така се применува на земји што не се во процесот на пристапни преговори. Во различни облици и под различни називи, одредниците веќе се поставувале за Македонија, а и покрај фактот што земјата сè уште не преговара за пристап кон ЕУ, одредници беа поставени во процесот за визна либерализација, Пристапното партнерство и Пристапниот дијалог на високо ниво. Во суштина, поставувањето на одредници стана клучен механизам на политиката на условеност на ЕУ кој треба да ја обезбеди конзистентноста и кредибилитетот на таквата политика. Што е уште поважно, одредниците треба да обезбедат поттик за понатамошните реформи.

Овој извештај, дел од регионален проект, ја проучува делотворноста на Системот за поставување на одредници на ЕУ по однос на избрани области на политики во рамките на Поглавјата 23 и 24, фокусирајќи се на случајот со Македонија. Примерокот беше избран откако се мапираа одредниците што се заеднички или слични меѓу шесте аспиранти за членство во ЕУ од Западен Балкан. Оваа регионална анализа претставува прв поголем обид за критичко оценување на степенот до кој се постигнати целите и нивото до кое се решени таргетирани проблеми со цел понатамошен напредок во процесот на пристапување во ЕУ.

Дел од наодите и препораките

Еден од главните наоди е дека механизмот за одредници како таков не постои во Македонија, иако може да се најде под „различни имиња” низ цела палета на документи и реформски приоритети. Не постои строг, прецизен документ кој би вклучувал рокови, но исто така би овозможувал валоризација. Сепак, за Македонија се воведуваат одредници кои се споредливи без всушност да водат кон преговори за пристапување.

Многу од соговорниците ја критикуваат нејасноста на некои одредници, која според нивното мислење создава можности за нивно заобиколување, оставајќи простор за широко толкување на она што одредниците го подразбираат и не ја доловуваат суштината на промените. Како резултат на тоа, тие сугерираат поспецифични споредби, што ги утврдуваат чекорите и целите во определен временски период. Што се однесува до содржината на одредниците и нивото на конкретизираност, можеме да тврдиме дека е дополнително конкретизирање на одредниците во врска со конкретните чекори кои треба да се преземат би било проблематично. Тоа понатаму би ја негувало културата на очекување и прифаќање на „готови“ решенија дадени од „странци“, што дополнително придонесува за ерозијата на домашните капацитети да осмислат и спроведат реформи. Следствено на тоа, одредниците треба во суштина да се однесуваат на целите што треба да се постигнат, а не на тоа како треба да се постигнат. Тие треба јасно да се однесуваат на основните демократски норми и меѓународните стандарди како клучни одредници за пристапување во ЕУ, притоа избегнувајќи ги замките за прекумерна технизација.

Штом националните власти ги одредат активностите, нивното спроведување треба да биде објективно измерено во однос на целите што ги постигнале, а не во однос на тоа дали се реализирани поединечните активности.

За повеќе, прочитајте во истражувањето: [Одредниците на ЕУ за Македонија] Реформи од клупа – колку можат да бидат ефективни? 

Проектот БЕНЧЕР е координиран од ЕПИ, а имплементиран од Think for Europe Network. Проектот е финансиран од European Fund for the Balkans.

Post by epiadmin

Comments are closed.