Јавна реакција на „Блупринт“ иницијативата за измените на Законот за финансирање на политички партии

Авг 13, 2018

epiadmin

Новости

0

Во врска со неодамнешното донесување на измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политички партии, би сакале да ја информираме јавноста за следните недостатоци и проблеми.

Проблеми со начинот на кој овие решенија се носат

  • ● Усогласувањето на законските решенија беше направено на нетранспарентен начин кој не ги опфати сите засегнати страни: политичките партии, медиумите, јавноста и другите државни институции кои имаат надлежност или се засегнати од оваа област.  Јавноста и законодавецот не можат да се стават пред свршен чин со готов текст кој се усвојува по скратена постапка, а  чија содржина претходно никому не му била позната. Пракса на тајно договарање и потоа презентирање на финални решенија мора да се смени бидејќи не ги решава проблемите водејќи сметка за јавниот интерес и не гарантира дека се избира најдоброто решение.
  • ● За да се спречат злоупотребите и унапреди финансирањето на политичките партии законските решенија мора истовремено да се донесат во спрега со останати закони кои им даваат надлежности на Државната комисија за спречување на корупцијата,  Јавно обвинителство, финансиската полиција и сл. На пример, потребно е да се дорегулира утврдување на потеклото на поединечните донации, кое сега е само обврска на партиите.
  • ● Иако се наведува дека законското решение црпи легитимитет од препораките на граѓанското општество дадени во документот „Блупринт – Предлог за итни демократски реформи“ тие препораки се само селективно и делумно употребени во законот.

Системски и содржински проблеми кои ваквите решенија несоодветно ги третираат.

  • ● Препораките од Блупринт документот не се целосно земени предвид. Имено, се предлага „финансирање исклучиво од јавни средства и забрана за приватни донации„. Законот го зголемува само првото, додека ги намалува износите што секој поединец може да ги уплаќа на годишно ниво, што не е исто со забрана за приватни донации.
  • ● Министерството за правда, препорача ограничување на вкупниот износ на донации, не само на поединечните, нешто што исто така не е земено предвид.
  • ● Нема основа партиите да располагаат со недвижен и движен имот кој не е поврзан со нивната примарна дејност, како на пример земјоделско земјиште.  Ако целта е да се регулира земјиштето под партиските простории тогаш тоа треба експлицитно да биде наведено и да не остава простор за дополнителни злоупотреби.
  • ● Законските измени се предлагаат од парламентарци , кои немаат обврска да прават анализа на импликациите (финансиските, правни, кадровски итн.) од законските решенија кои ги предлагаат. Во законот со сериозни финансиски импликации стои само дека ќе има финансиски импликации. Граѓаните и законодавците треба да се информирани околу одлуките кои ги носат, бидејќи трошоците ги сносиме сите.

Ефекти од постојното законско решение

Сумарно овие законски решенија само ги зголемуваат финансиските средства за партиите кои ги обезбедуваат граѓаните, како и начините на кои партиите можат да обезбедат повеќе приходи.  Тие не ги спречуваат злоупотребите, туку само индиректно ги намалуваат ризиците од злоупотреби, што може, но не мора, да ги реши проблемите.

Со неукинување и неограничување на поединечните донации само се намалува прагот на донирање, но вкупниот износ никако не се ограничува. И во претходниот период, според финансиските извештаи на партиите, индивидуалните донации не биле повисоки од прагот кој сега се воведува.

Партиите ќе може да изнајмуваат земјоделско земјиште, но истовремено, не е подобрена проверката на потеклото на донациите.

 Што треба да се направи?

Ограничување на вкупниот износ на средства што може да се добијат од поединечни донации.
Воведување на подобрен механизам за задолжителна проверка на потеклото на средствата за секоја донација.
Да се прецизира дека под земјиште како недвижен имот со кој располагаат партиите се однесува на она на кое се наоѓаат партиските објекти .
Задолжителна обврска на сите предлагачи на закон во сите фази вклучително и поднесување на амандмани да подготват проценка на влијание на регулативата која сакаат да ја донесат.

Потписници на реакцијата:
● Институт за демократија Социетас Цивилис Скопје;
● Центар за економски анализи;
● Хелсиншки комитет за човекови права;
● Фондација Отворено општество – Македонија;
● Еуротинк;
● Здружение на новинари на Македонија;
● Институт за европска политика Скопје

Post by epiadmin

Comments are closed.