[Истражување] ЦЕФТА и ССА даваат простор за економски раст на Македонија преку зголемен извоз

Јул 25, 2018

epiadmin

Новости

0

Институтот за европска политика – Скопје денеска организираше презентација и дискусија за истражувањето “Ефекти од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и ЦЕФТА2006 врз европската интеграција и регионалната соработка на Западнобалканската шесторка: достигнувања и начини за напредување”, со фокус на Македонија.

Настанот го отвори директорката на ЕПИ, д-р Симонида Кацарска. На отворањето се обрати Марина Серафимовска, економски советник во Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје, истакнувајќи дека Германија е значаен трговски партнер за Македонија, а воедно и голем поддржувач на земјите од ЦЕФТА, во однос на финансиска поддршка за проекти преку ГИЗ и Асоцијацијата на германските комори за индустрија и стопантство, со цел да се подобри спроведувањето на договорот и да се отстранат различните трговски бариери.

Истражувањето за ефектот на ССА и ЦЕФТА во регионалната соработка и европската интеграција на Македонија го презентираа авторките д-р Малинка Ристевска-Јорданова, член на Управниот одбор на ЕПИ и проф. д-р Силвана Мојсовска, професор на Економскиот институт при Универзитетот на Св. Кирил и Методиј – Скопје. Зборувајќи за правните аспекти на ССА и ЦЕФТА, Малинка истакна дека сè е потребен значаен напредок во поглед на владеењето на правото, но тој аспект дефинитивно не треба да се занемари на сметка на интеграцијата во внатрешниот пазар на ЕУ, што е од најважна важност за економијата, која исто така е дел од пристапот “прво основите”.

Силвана Мојсовска ги истакна економските ефекти на ЦЕФТА и ССА. “Што се однесува до ССА, Македонија со текот на годините успеа значително да го зголеми својот извоз во ЕУ и да го намали трговскиот дефицит со ЕУ. Извозот со ЕУ е фокусиран само на неколку земји-членки на ЕУ, давајќи  можност за зголемување на извозот кон други земји-членки. Во поглед на ЦЕФТА, дури четвртина од извозот на Македонија во ЦЕФТА се состои од десетте најизвезувани производи (пет земјоделски и пет индустриски), давајќи можност за диверзифицикација на производите што се извезуваат кон земјите на ЦЕФТА”.

На панелот се обрати и проф. д-р Фатмир Бесими, професор на ЈИЕУ во Тетово и член на Советот на ЕПИ. Според Бесими, треба да се зголеми конкурентноста на македонската економија, во однос на економиите на земјите-членки на ЕУ. Дополнително, тој истакна дека Берлинскиот процес ја поттикна регионалната соработка меѓу членките на ЦЕФТА, но, сепак, потребно е подобрување на поврзаноста и инфраструктурата на земјите од Западен Балкан, со цел значително да се зголеми трговијата помеѓу нив.

По презентациите и говорите на панелистите, на дискусијата се приклучија гости од Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за финансии, граѓанските организации и академските институции, при што ги дадоа своите видувања за ефектите од ССА и CEFTA2006 врз Македонија и која е насоката која треба државата да ја преземе во иднина.

Истражувањето и 12-те пораки од Западен Балкан за ЕУ можете да ги преземете подолу.

Овој настан се организира во рамките на проектот Ефектите на процесот за стабилизација и асоцијација врз европската интеграција и регионална соработка на Западнобалканската шесторка“, кој е финансиран од Министерството за надворешни работи на Германија и Фондацијата Институт отворено општество. Проектот го спроведува Европското движење во Србија, во партнерство со Албанскиот институт за меѓународни студии, Институтот за европска политика – Скопје, Риинвест институт од Косово и Европското движење во Црна Гора.

 

Post by epiadmin

Comments are closed.