Форум Еуропеум 2024: Условување на ЕУ интеграцијата преку механизмите за владеење на правото
Со цел обезбедување континуиран дијалог и комуникација во и помеѓу земјите кандидатки и ЕУ на различни ниво за користењето на инструментите за владеење на правото во контекст на пристапувањето во ЕУ, ЕПИ ја организираше традиционалната Форум Еуропеум конференција, насловена „Инструменти за владеење на правото во контекст на пристапувањето во ЕУ“.
Настанот го отворија заменик шефот на мисијата во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Бен Нупнау, Бојана Босилкова од Министерството за правда и Симонида Кацарска од ЕПИ. Тие ги истакнаа најзначајните случувања од изминатиот период, вклучително и внесувањето на четири земји кандидати од Западен Балкан во механизмот за владеење на правото на ЕУ и воведувањето на Планот за раст за регионот. Планот за раст има цел да ја зајакне финансиската поддршка за реформите преку наменски средства за реформи и раст. Тие ја истакнаа важноста од примена на истите стандарди на владеење на правото и за земјите-членки на ЕУ и за земјите кандидати, гледајќи го како основа и цел за пристапување во ЕУ. Обновениот моментум за проширување на ЕУ беше опишан како стратешка инвестиција во мирот, при што Планот за раст нуди единствена можност за регионална интеграција и напредок кон приклучување кон единствениот пазар. Беше забележано дека процесот е заснован на заслуги и реверзибилен, усогласувајќи се со новата методологија за проширување и неодамнешните заклучоци на Советот. Говорниците, исто така, ја истакнаа важноста од координирани напори и внатрешни реформи за успешно движење во процесот.
На панелот посветен на владеење на правото како основа за проширување на ЕУ учествуваа Иван Новосел од Куќата за човекови права Загреб, независната експертка Билјана Котевска, Едо Канлиќ од Транспаренси интернешнал Босна и Херцеговина и Јонут Сибијан од Европскиот економски и социјален комитет. Дискусијата се осврна на различни аспекти од извештајот на ЕУ за владеење на правото, вклучувајќи ја потребата од посилни аналитички елементи, изводливоста неговото објавување секоја година, важноста на прецизниот јазик и сеопфатното покривање, улогата на граѓанското општество во преговорите за пристапување во ЕУ и можностите донесени со вклучување на претставници на граѓанското општество од земјите кандидати во активностите на ЕЕСК.
Вториот панел беше посветен на заштитата на владеењето на правото при користењето на фондовите на ЕУ и користење на механизмот на условеност при Планот за раст за Западен Балкан. На панелот говореа Лаима Лучија Андрикиене од Европскиот суд на ревизори, Марио Холцнер од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Еулалија Рубио од Институтот Жак Делор и Милена Михајловиќ од Центарот за европска политика во Белград. Дискусијата се фокусираше на јасноста и дефинирањето на механизмите на условеност, трансформативното влијание на Планот за раст, предизвиците во поттикнувањето на членките на ЕУ по пристапувањето и улогата на граѓанското општество во обезбедувањето транспарентност и отчетност во процесот на Планот за раст.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“ имплементиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, а финансиран од Европската Унија.