„5 до 12“ за енергетска транзиција на Балканот

Ное 22, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

Многу работи на Балканот се случуваат во последен миг. Како заладува времето, така зачестуваат состаноците и ветувањата за зелена енергетска транзиција на Западниот Балкан. За само еден месец беше најавена итна помош на Европската комисија за надминување на енергетската криза, потоа објавена нова декларација за зелена транзиција во рамките на Берлинскиот процес, па одржан и регионален состанок во Белград.

Она што е заедничко е зајакнатиот регионален пристап, иако и тоа не е ништо ниво. Факт е дека досега плановите за зелена енергетска транзиција во регионот, што, пред сѐ, значи замена на производството на струја од јаглен со обновливи извори на енергија, во најголема мера не се спроведуваа. Независните експерти укажуваат дека немањето визија за енергетска транзиција на земјите од регинот е еден од клучните проблеми. За жал, и во анализирањето, и во планирањето, а и во спроведувањето, вклучувајќи ги и финансиите, регионот е целосно зависен од странска помош. Се доцни и во планирање и во спроведување.

Според извештајот на независната мрежа CAN (Мрежа за климатска акција), само две земји (Македонија и Албанија) доставиле до Енергетската заедница национални планови за енергија и клима. При тоа, само македонскиот план делумно ги применил препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, а и на овие два плана треба дополнително да се работи.

Од усвојувањето на Зелената агенда за Западниот Балкан до денес работите темелно се сменија. Руската агресија во Украина доведе до итна промена на зелената агенда на ЕУ, со новиот план „RePower EU”, кој ја забрза динамиката со цел побрзо целосно да се отстрани зависноста од рускиот гас – целосно до 2030 година. Се очекува тој наскоро да биде заокружен со соодветна легислативна рамка. За жал, и во овој план нема посебен третман за Западниот Балкан. Меѓутоа, се проценува дека воведувањето на механизмот за прилагодување на јаглеродот на границите (CBAM), планиран од Европската Унија за трети земји ќе има негативни финансиски импкикации за Западниот Балкан и Турција.

Со овој механизам, најпросто речено, се предлага воведување давачка на увезените производи во ЕУ во чие производство е вклучено загадување од јаглерод, а тој бара и сериозни административни подготовки и процедури. Во неодамнешната Декларација на Берлинскиот процес за енергетска сигурност и зелена транзиција во Западниот Балкан се бара да се избегне воведувањето на CBAM и наместо тоа да се оди кон примена на Европскиот систем за тргување со емисии. Допрва ќе се види дали ова барање е реално остварливо, со оглед на фактот што легислативната рамка веќе е во финална фаза.

И додека во регионот се обновуваат дискусиите за долгорочните планови за енергетска транзиција, со надеж дека ќе резултираат со поконкретни резултати и повеќе визија и политичка волја во регионот, најургентно е прашањето како да се преброди претстојната зима. Несомнено, во погон ќе се стават сите домашни извори, а напуштањето на јагленот како извор ќе биде во плановите за подобрите времиња. Во националните буџети се издвојуваат повеќе средства за да се избегне ударот на енормните цени на струјата. Проценката на Албанија и Македонија, на пример, е дека ќе потрошат по околу 200-260 милиони евра за да се совладаат најургентните ефекти на енергетската криза.

Секако, помош доаѓа од Европската унија. Добредојдена е, но да видиме што значи таа. Од ветените вкупно 1 милијарда евра, 500 милиони евра се итната помош. Секоја земја од регионот ќе добие од 70 до 165 милиони евра како директна инjекција во буџетот или како 2 грантови (сумата за Црна Гора остана непозната). Преостанатите 500 милиони евра се средства за предвидените проекти во Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан. Како и да е, не се спомна дали тоа ќе бидат нови средства, така што e скоро сигурно дека се од постојните средства од ИПА.

Посебно прашање е за што се трошат средствата од Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан. Најпрепознатливите и неспорни проекти се секако оние од типот на фотоволтаичните централи Осломеј и Битола, или вложувањата во енергетска ефикасност во повеќе земји од регионот – на пример во училиштата во Албанија.

Меѓутоа, неколку големи проекти се вложувања во гасоводи односно нивно поврзување. Повеќе невладини организации од регионот заедно со Мрежата Бенквоч (Bankwatch) уште пролетоска реагираа дека на Западниот Балкан не му е потребно зајакнување на гасоводната инфраструктура, особено што неговата зависност од гас е многу помала од онаа на Европската унија. Згора на тоа, алтернативата за рускиот гас – азербејџанскиот – не е многу сигурна, имајќи ги предвид не само потребите од дополнителни инвестиции, туку и политичките околности. Сепак, ЕУ летоска склучи договор со кој се дуплираше снабдувањето на ЕУ со азербејџански гас.

Водородната енергија во Западниот Балкан е сѐ уште тема којашто срамежливо се отвора, а ова е едно од подрачјата во чие истражување и развој ЕУ насочи значителни средства, а земјите членки имаат и развиено стратегии за нејзиното користење. Експертите веќе сериозно предупредуваат дека планираната гасоводната инфраструктура на Балканот ќе треба да биде прилагодена и за користење на водород.

Ни останува да се надеваме дека лидерите од регионот во овогодишната криза ќе ја видат и искористат шансата за подолгорочен поглед кон енергетската безбедност на секоја земја посебно и на регионот.

 

Анализа за „Порталб.мк“ и „Мета“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика.

Comments are closed.