Промовирана Анализата за сеопфатна оцена на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022)
Предвидените мерки од Стратегијата за реформи во правосудниот сектор (2017-2022) се делумно спроведени, со различен степен на напредок, но мора да се нагласи дека престојат уште многу чекори до исполнувањето на стратешките цели на државата.
Ова беше генералната оценка за спроведувањето на Стратегијата споделена на јавниот настан на Блупринт групата на кој беше промовирана Анализата за сеопфатна оцена на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022). Во таа насока се движат и препораките утврдени по основ на наодите од секој дел од оваа Анализа, кои треба да послужат како придонес на Блупринт-групата и водилка за тенденциите што треба да се следат во подготовката на новата стратегија.
Настанот го отворија Нада Наумовска, постара програмска координаторка во Фондација Отворено општество – Македонија и Ардита Абази Имери, програмска координаторка на Институтот за европска политика. Клучните наоди од Анализата на настанот ги презентираа авторите и членови на Блупринт групата за реформи во правосудството – Јелена Кадриќ, извршната директорка на Институтот за човекови права; Гоце Коцевски, програмски директор на Македонското здружение на млади правници; Беба Жагар, истражувачка во Институтот за европска политика; Жарко Хаџи-Зафиров, програмски директор во Центарот за правни истражувања и анализи; Тона Карева, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права и Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“.
На настанот се истакна дека останува нерешен проблемот со независноста на судскиот буџет, како и нефинализираниот текст на новиот Судски деловник. Од друга страна, беше пофалено усвојувањето на новиот Закон за управување со движењето на предметите во судови, како и започнувањето на процесот на дигитализација во правосудството.
Во однос на мерките од Стратегијата поврзани со квалитетот, се исполни мерката за јасни и образложени одлуки на Судскиот совет на Република Северна Македонија за избор и унапредување на судии, а од друга, продолжува трендот Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија на својата веб-страница да не ги објавува јавно одлуките за избор и унапредување на јавните обвинители, како и другите одлуки што се донесени од негова страна.
Во делот на пристап до правдата беше кажано дека може да се забележи напредок во подготовката на релевантните закони, иако се забележува и доцнење во однос на роковите поставени во Акцискиот план на Стратегијата.
Забелешка беше кажана за немањето напредок во воспоставувањето на истражните центри во јавните обвинителства, како и за невоспоставувањето и применувањето на системот за електронска распределба на предмети во јавните обвинителства.
Во управно-правната област забележан е развој по новините воведени со Законот за управните спорови од 2019 година иако неусогласеноста со Законот за општа управна постапка останува горлив проблем.
Анализата за сеопфатна оцена на спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022) може да ја симнете на линкот: http://bit.ly/3txfLCY.
Настанот се организираше во рамки на проектот „За правда – граѓански придонес за унапредување на правосудството“, кој го координира Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, а е финансиран од Фондацијата Отворено oпштество – Македонија.
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Хелсиншки комитет за човекови права
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
- Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ)