Самит во Тирана – кон забрзана и/или постепена интеграција?

Дек 09, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

Самитот во Тирана од 6 декември се означува како „прв самит одржан во некоја од земјите во регионот“. За волја на вистината, првиот самит одржан во некоја од земјите во регионот беше во 2000 година во Загреб, тогаше кога Хрватска не само географски, туку и формално припаѓаше на политичката конгломерација „Западен Балкан“. Меѓутоа, тоа воопшто не е негативна споредба за Албанија како домаќин на самитот. Напротив. Хрватска набрзо по Самитот во 2000 година ја доби улогата на предводник на евроинтеграцискиот процес во регионот, за потоа да го „напушти“ регионот, прва од државите кои му припаѓаа. Механичките споредби не се соодветни во денешните услови на проширувањето, но фактите се факти.

Да видиме што е различно во резултатите од Самитот во споредба со ланскиот октомвриски самит во Брдо, за време на словенечкото претседателство.

Најпрво, очекувано и јасно, свој белег на Самитот и во завршниот документ – Декларацијата од Тирана – остава новата геополитичка ситуација создадена со руската агресија во Украина. Тоа се изразува на два значајни аспекти: изјавите во однос на европската перспектива на државите од регионот, и нагласените очекувања од „партнерите“ да покажат единство со ЕУ во стратешката ориентација. Трета битна аспект е што Тиранската декларација посилно го промовира концептот на постепена интеграција на Западниот Балкан во ЕУ.

Додека Декларацијата од Брдо минатата година одразуваше тенденција на омекнување и разводнување на посветеноста на државите членки за европската перспектива за Западниот Балкан, Декларацијата од Тирана го запира тој тренд. „Едногласната поддршка“ на европската перспектива за Западен Балкан, во Тиранската декларација стана „едногласна заложба“. Ни во оваа декларација нема место за зборовите „пристапување“, ниту „пристапни преговори“. За Албанија и Македонија, се поздравува „одржувањето на првите меѓувладини конференции“, не почеток на преговорите. Меѓутоа, за разлика од лани, сега се бара и „забрзување на пристапниот процес“, секако врз основа на строга условеност.

Нема значајни промени во дефинирањето на условеноста во поглед на владеењето на правото и на регионалната соработка од минатата година. Остануваат барањата за реформи во областа на владеењето на правото, со нагласка на спроведувањето.

Општите ставови за билатералните спорови се идентични како и минатата година. Тоа е случај и во однос на барањето за имплементација на договорите со Грција и Бугарија, што останува „важно“. Во поглед на односите Белград – Приштина, иако овогодишната декларација е „збогатена“ со очекувањата за конструктивност, почитување на досегашните договори и избегнување спорови – тоа се веќе познати и објавени ставови на државите членки и не индицираат промена.

Новата геостратешка ситуација ја зајакна условенoста за усогласување со ставовите на Заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ, во која сега се експлицитно додадени и рестриктивните мерки, со што се прави притисок за прифаќање на санкциите кон Русија. Важноста, пак, на усогласуањето со визната политика на ЕУ се става во контекст на одржливоста на безвизниот режим во ЕУ за граѓаните од регионот.

Државите-членки подетално ја елаборираат помошта на ЕУ и очекуваат државите од регионот да оддадат поексплицитно признание за неа. Нагласена е и последната транша, наменета за надминување на енергетската криза, за која, сепак, се разјаснува дека е дел од постојната ИПА.

И, на крајот за Декларацијата за роаминг ЕУ – Западен Балкан. Откако по неколку години преговори и подготовки конечно се укина роамингот меѓу државите од Западниот Балкан, на ред дојде и ова прашање со ЕУ. Засега, потпишаниот документ само ги обврзува операторите до мај 2023 да се договорат како да стигнат до ограничување на цените, а од октомври 2023 да почнат со намалувањето на цените. И овој пример во практиката ни покажува како изгледа „постепената интеграција“. Наместо побрзо, па макар и постепено укинување на роамингот истовремено и меѓу државите на Западниот Балкан и со ЕУ, имаме процес од сѐ заедно – барем десетина години. Така ќе размислуваат оние критичните. А помалку критичните ќе речат: „Ама, и тоа е подобро од ништо“.

Comments are closed.