„Ударите по џебот“ од ЕУ за Полска и Унгарија – колку се ефективни?

Дек 01, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

Полска

Во јуни оваа година, Полска побара од Европската комисија да ги одмрзне средствата  од Фондот за обнова и отпорност во висина од 34 милијарди евра. Комисијата не ѝ ги префрла овие средства на Полска поради утврдените прекршувања на Регулативата (од 2020 година) со која се воведе условеност на владеење на правото за фондовите на ЕУ.

Полска е нето-примател од Буџетот на Унијата, од разни фондови. Од членството во ЕУ до 2021 година, оваа земја “е во добивка“ од 141 милијарда евра (пресметано како едноставна разлика меѓу сумата што ја прима од Буџетот на ЕУ и сумата што ја дава во Буџетот на ЕУ). Во тековниот седумгодишен буџетски период (2021-2027) треба да биде „во добивка“  од 80 милијарди евра.

Овој месец, Полска побара од ЕК да ја прекине наплатата на дневната казна од  1 милион евра за неизвршување на една од серијата пресуди на Судот на правдата на ЕУ која се однесува на независноста на судството. Имено, тоа е пресудата од јули 2021 година со која се наложува укинување на Дисциплинскиот совет за судии, која содржи и низа поврзани барања.  Откако Полска не ја спроведе пресудата, Судот во ноември минатата година го наложи нејзиното извршување. Полска одби да ја плаќа казната, но Европската комисија од февруари едноставно задржува трансфери во висина на казните – метод што за прв пат го примени. Така, досега се наплатени околу 400 милиони евра во казни.

Од почетокот на казнените постапки на Европската комисија за владеењето на правото против Полска, политичката ситуација значително се смени. Полска е меѓу најистурените држави членки на ЕУ во поддршката на Украина и клучна за единството на ЕУ за ова прашање. Единството на ЕУ, пак, за прашањето на Украина стана едно од клучните, ако не и главно политичко прашање за ЕУ.  Институциите на ЕУ, а особено Европската комисија се најдоа меѓу чеканот и наковалната – императивот да го одржат ветувањето дека нема да има компромис со владеењето на правото, но и императивот да се одржи политичкото единство во новата геополитичка политичка ситуација.

Во „небрано“, летоска Комисијата изнајде меѓучекор – го одобри Планот на Полска за користење на средствата од Фондот за обнова и отпорност, но со повеќе конкретни услови поврзани со владеењето на правото, за кои постигнаа и спогодба со полската влада. Полска во меѓувреме го укина Дисциплинскиот совет за судиите и востанови ново тело – „Совет за професионална одговорност“, за кое критичарите сметаат дека суштествено не ги менува работите, а и дека не се исполнети другите барања од пресудата. Меѓу критичарите на полската влада е и полската опозиција, која, патем, исто така, страда од суспензијата на фондовите – барем каде што е на власт во локалната самоуправа. Полските владини претставници сега тврдат дека нејзините средства Комисијата ги држи „нелегално“  и се убедени дека одмрзнувањето е само прашање на време.

Унгарија

Унгарија и Полска се најоддалечени во рамките на ЕУ во позициите околу руската агресија на Украина. Меѓутоа, и Унгарија се согласува дека европските институции „нелегално“ не ѝ го даваат на Полска, како и на Унгарија, она што ѝ припаѓа – средствата од европските фондови.

Последниот ден од ноември Европската комисија ја повтори септемвриската проценка дека Унгарија не ги исполнила главните услови поставени за да се ослободат средствата од кохезионите фондови. Затоа остана на ставот дека на Унгарија и натаму треба да ѝ се задржат 65% од кохезионите фондови, односно 7,5 милијарди евра. Меѓутоа, во слична формула како за Полска, Комисијата истиот ден го одобри нејзиниот Национален план за обнова и отпорност, но го услови трансферот на средствата во висина од 5,7 милијарди евра – повторно зависно од 27-те главни услови. Меѓу нив се основањето независно тело за интегритет, мерки за независност на судството и антикорупциски мерки. Иако и Европската комисија е јасна во проценката за (не)исполнетоста на условите, независните аналитичари се уште покритични, нарекувајќи ги досега преземените унгарски мерки “димна завеса“. Орбан сепак не седеше „со скрстени раце“. Унгарија ја блокира помошта на ЕУ за Украина, но и договорот за данок на добивка – потег најчесто опишан како чиста уцена.

Се очекува за предлогот на Европската комисија да решаваат министрите на државите членки до 19 декември, со квалификувано мнозинство. Меѓутоа, ни таа одлука, каква и да е,  нема докрај да го разврзе клопчето што е прилично замрсено.

Факт е дека „ударите по џебот“ влијаат на државите да преземат мерки, но засега е големо прашање колку и кога тие мерки навистина ќе донесат унапредување на владеењето на правото во овие држави – членки.

 

Анализа за „Порталб.мк“ и „Мета“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.