По Катар – Катаргејт: „Секое чудо за три дена“ или кон системски решенија
Поранешната потпретседателка на Европскиот парламент Ева Каили останува во притвор. Ова е неодамнешната одлука на Белгискиот суд. Каили е обвинета кон средината на месецов за корупција, учество во криминална организација и перење пари, со уште петмина други обвинети. Случајот е поврзан со влијание на одлуки за неодамнешното одржување на светското првенство во фудбал во Катар. Запленети се вкупно околу 1 милион евра од сите обвинети.
Европскиот парламент експресно по обвинението и притворањето ѝ го одзеде европратеничкиот мандат на Каили, со што престана да биде и потпретседателка на единствената директно избрана европска институција. Политичката групација на која ѝ припаѓа грчката европратеничка – социјалдемократската група во Европскиот парламент реагираше со повлекување од функции на четворица европратеници поврзани со скандалот, иако формално не се обвинети. Суспендиран од членството во групата е белгијанецот Тарабела, а уште тројца европратеници Арена (Белгија), Бартоло и Коцолино (Италија) се повлечени од нивни позиции кои можат да имаат влијание на случајот.
Во овој случај веројатно уште поголема „ѕвезда“ од обвинетата е белгискиот истражен судија Мишел Клез, кој го води предметот. Овој истражен судија во основен суд во Брисел нарекуван дури и „шериф“, поранешен адвокат, специјалист за финансиски истраги, е многу познат во белгиската јавност по неколку големи предмети, но и по тврдењето за висока распоространетост на корупцијата. За ова тврдење влегол во полемика дури и со белгискиот премиер Александер Де Кро. Во Белгија истражниот судија има многу големи овластувања. За истрагата за конкретниов предмет, која траела од јули до декември годинава, белгискиот „Ле Соар“ пишува дека не знаела ни белгиската полиција.
Скандалот направи голема штета за европските институции – секако, најпрвин за Европскиот парламент, но и за Европската унија како целина. Угледот на Унијата и нејзиниот легитимитет пред нејзините граѓани е разнишан, а на удар е и меѓународниот углед на Унијата.
Досегашните реакции на претставниците на Европската унија се насочени кон намалување на првичната штета од скандалот. Меѓутоа, и во нив фокусот е различен. Некои се обидуваа да го претстават како изолиран случај. Други се обидоа да го префрлат вниманието на трети земји кои се обидуваат да вршат влијание во европските институции. Претставниците на Европската конзервативна партија, пак, не му одолеаја на искушението да го искористат скандалот за партиско-политичка пресметка, карактеризирајќи ја целата социјалдемократска група како „скандал“.
Четвртиот тип реакции укажува на потребата од системски решенија. Се поаѓа од оценката дека досегашните методи за превенција на корупцијата во Европскиот парламент, но и воопшто во европските институции, се неефикасни. Европскиот парламент во септември 2021 година донесе резолуција за јакнење на транспарентноста и интегритетот преку создавање независно тело за етика, но заложбите не се остварија. Меѓуинституционалната спогодба меѓу трите главни европски институции – Парламентот, Советот и Комисијата за задолжителен регистер на транспарентност е сѐ уште во нацрт верзија.
Можно е скандалот да го забрза барањето системски решенија за спречување на корупцијата во европските институции. Малкумина обрнаа внимание дека на 15 декември 2022 година, по итна постапка, Европскиот парламент донесе нова резолуција по повод катарскиот случај и за „пошироката потреба од транспарентност и одговорност на европските институции“, во која се набележани и повеќето предлози што досега беа на маса, но не добија итност. Во неа се и предлозите за решавање на проблемот на „ротирачка врата“ – феноменот на премин на функционерите на високо ниво од и во приватниот сектор; задолжителност на регистерот на транспарентност; проширување на мерките за превенција на конфликтот на интереси; воведување правила за донации од трети земји и низа други мерки. Секако, Европарламентот се обврза да формира анкетна комисија, но и посебно тело кое ќе ги „протресе“ сите негови правила кои се однесуваат на транспарентноста, интегритетот и корупцијата.
На краток рок Катаргејт ќе биде „жешка приказна“ во медиумите и широко експлоатирана политичка тема. Меѓутоа, вистинското прашање е дали од него ќе се извлечат лекции и вистински решенија кои ќе придонесат за стеснување на просторот за корупција.
Анализа за „Порталб.мк“ и „Мета“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика