[Форум Еуропеум 2022] Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: Што претстои?

Конференцијата „Форум Еуропеум 2022 Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што претстои?“ се одржа на 8 jули 2022 година во Хотел Холидеј Ин во Скопје и онлајн на ZOOM платформата, во рамки на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“, кој го спроведува Институтот за европска политика (ЕПИ). Проектот има  цел да помогне во креирањето на одржливи реформи за владеење на правото во насока на пристапувањето во Европската Унија.

 

Конференцијата се состоеше од кратка сесија за добредојде, два панели за дискусија, после кои следуваа сесии за прашања и одговори, во чии рамки им беше дадена шанса на учесниците да постават прашања до говорниците и да изнесат свои коментари на темата, а се заклучи со сесија завршни забелешки и заклучоци. На настанот присуствуваа околу 100 учесници, половина во живо, половина на ZOOM платформата, претставници од државни институции, претставници од невладини организации кои го следат процесот на пристапување во ЕУ, претставници од академската фела и независни експерти и претставници од делегацијата на ЕУ.

 

Оваа, 2022 година, беше бурна година за Европа. Со војната што беснее на нејзините граници, Европската унија доживеа големи предизвици и внатрешно и во нејзиното соседство. На последниот состанок на Европскиот совет во јуни 2022 година, се случи голема промена во надворешната политика на ЕУ со одобрениот кандидатски статус за Украина и Молдавија, со што се прошири кругот на земји кандидатки за членство во ЕУ по речиси две децении.

 

Во контекст на овие драматични промени, тековните дебати за процесот на проширување на ЕУ беа повторно засилени и добија значење. Во последните месеци беа пуштени во оптек многу предлози, меѓу кои и варијанти на идејата за Европска политичка заедница и промени на процедурите за гласање во Советот во делот на надворешната политика и проширувањето. Постои значителен притисок и од внатре и надвор од Унијата да се воведе подинамичен и постепен процес на пристапување, вклучително и преку зајакната политичка соработка. Истовремено, резултатите од Конференцијата за иднината на Европа се исто така ставени на маса на институциите на ЕУ во различни формати.

 

Во овие околности, сепак, регионот на Западен Балкан заостанува. Недостигот на одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и визната либерализација на Косово го поткопа кредибилитетот на Унијата и ја ослабна општествената поддршка за пристапување во ЕУ низ целиот регион. Регионалната интеграција меѓу шесте земји исто така заостанува, додека најголем дел од движењето и заедничката комуникација може да се види во иницијативата Отворен Балкан.

 

Имајќи ги предвид овие сложени случувања, постои итна потреба да се обезбеди континуиран дијалог и комуникација во и помеѓу Западен Балкан и ЕУ на повеќе нивоа. Целта на конференцијата во Скопје ќе биде да се направи преглед на тековните случувања и да се разгледаат актуелните предлози за реформирање на механизмите на процесот на пристапување, како и на пошироката европска архитектура.

 

Конференцијата започна со кратка сесија за добредојде, на која директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска им посака добредојде на присутните во живо и на учесниците преку ZOOM платформата и даде вовед на темите за кои беше предвидено да се дискутира. Имено, со оглед на тектонската промена во политиката на проширувањето на ЕУ настаната од кандидатурите на Молдавија и Украина, неопходно е да се направи осврт на состојбата во контекст на пристапувањето кон ЕУ во изминатите 6 месеци и да се споредат аспирациите од изминатите години и можноста за нивна реализација во сегашните околности. Особено важно е да се направи проценка како овие промени во процесот на проширување на ЕУ ќе влијаат на Балканот како релативно мал регион.

 

Првиот панел исто така го модерираше директорката, а беше насловен „Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: детален преглед“. Панелот го отвори Ѓерѓи Вурмо од Институтот за демократија и медијација во Тирана, кој им се обрати на учесниците во живо, додека следните говорници своето излагање го имаа онлајн. Имено, Изабел Јоанидес од ЕЛИАМЕП во Атина, Корина Стратулат од Центарот за европска политика во Брисел и Јана Јузова од Институтот Еуропеум во Прага/Брисел дадоа свој придонес кон развивање на дискусијата за осврт на првата половина од 2022 година во контекст на проширувањето на ЕУ и перспективата за земјите од Западен Балкан кои се стремат да станат земји членки на ЕУ.

 

По сесијата за прашања и одговори и паузата, програмската директорка на ЕПИ, Ардита Абази Имери го отвори и го модерираше вториот панел, насловен „Што претстои? Актуелни предлози за реформирање на процесот на пристапување во ЕУ“. Дискусијата на овој панел започна со излагањата на Н.Е. Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија и Н.Е. Георг Вуцас, амбасадор на Австрија во Северна Македонија, кои подетално ги образложија францускиот предлог за пристапувањето на РСМ во ЕУ и австрискиот non-paper. Потоа онлајн се приклучи следниот говорник Стивен Блокманс од Центарот за студии по европска политика во Брисел, а панелот го затворија претставници на академската фела: Јелена Џанкиќ од Институтот на Европски универзитет во Фиренца и Иван Дамјановски од Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, кои се осврнаа на можните сценарија за пристапување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, како што е фазното пристапување.

 

По сесијата прашања и одговори во рамки на втората панел дискусија, конференцијата заврши со сесија завршни забелешки и заклучоци, во која беа сумирани излагањата на говорниците.

Comments are closed.