Изборната „честитка“ до Орбан

Апр 19, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

  • Повод: Најавата на Европската комисија за покренување на механизмот на условеност за Унгарија –

Минатата година Европската унија, со посебна Регулатива, го воведе механизмот за условеност. Иако се водеше во рамките на пакетот „Нова генерација ЕУ“ за санирање на последиците од Ковид-19, тој се однесува на сите средства на Буџетот на ЕУ. Беше предмет на тежок компромис меѓу државите членки, особено имајќи го предвид противењето на Унграрија и Полска, на чии влади им беше јасно дека тие се неговите први можни цели.  Дел од компромисот беше примената да чека пресуда на Судот во поглед на законитоста на Регулативата, како и Комисијата да објави документ – насоки за примената на Регулативата.

Конечно, во февруари оваа година Судот на правдата на ЕУ ги отфрли поднесоците на Унгарија и Полска, кои тврдеа дека Унијата нема надлежност за таков механизам, со што ја потврди неговата законитост. Комисијата, пак, на почетокот на март ги донесе Насоките за примена на Регулативата, што го отвори патот за употреба на механизмот.

Што е клучно во пресудата на Судот на правдата на ЕУ? Прво, механизмот на условеност може да се покрене „само кога има разумни основи за разгледување не само дали имало прекршувањa на принципите на владеењето на правото во земја-членка, но доколку тие прекршувања влијаат или сериозно ризикуваат да влијаат врз стабилното финансиско управување на буџетот на Унијата или заштитата на финансиските интереси на Унијата во доволно директен начин“. Тоа значи дека Комисијата ќе мора да докаже дека има јасна врска меѓу прекршувањата на владеењето на правото и буџетот, односно финансиските интереси на Унијата. Второ, Судот вели дека почитувањето на вредностите на Унијата, меѓу кои е и владеењето на правото (познатиот член 2 од Договорот за Европската Унија) „е услов за уживање на сите права кои произлегуваат од примената на договорите на засегнатата земја-членка, а ЕУ мора да може да ги брани тие вредности, во рамките на своите овластувања“. И уште поинтересно за нас – Судот вели дека дека „усогласеноста со тие вредности не може да се сведе на обврска која државата кандидат мора да ја исполни за да пристапи во ЕУ и која може да ја игнорира по нејзиното пристапување“.

Комисијата, а особено нејзината претседателката Вон Дер Лајен, беа чест предмет на критики од страна на Европскиот парламент, како и од граѓанското општество, за неприменувањето на новововедениот механизам на условеност. Таа почека да завршат изборите во Унгарија, за веднаш по објавувањето на резултатите да ја испрати „честитката“, во вид на најава за покренување на механизмот. Сепак, не е дека Комисијата седела „со скрстени раце“. Уште во ноември минатата година ЕК упатила писма до Унгарија и Полска, во кои, според порталот „Политико“, изразила загриженост, пред сѐ, за конфликт на интереси, јавни набавки и судската заштита, за што на Унгарија ѝ поставила 16 конкретни прашања. Комисијата, меѓу другото, ги користела и следниве аргументи:  дека Судот на ревизори на ЕУ (ОЛАФ) за Унгарија во областите регионален развој и земјоделство дал речиси осум пати повеќе препораки одошто просекот во ЕУ, како и дека Унгарија и по повлекувањето на проекти од ЕУ поради нерегуларности продолжувала нив да ги реализира со национални средства. Такви проекти, спроведувала, на пример, фирмата на зетот на Орбан. Комисијата побарала и податоци за други конкретни проекти, како и за тоа кои се корисниците на најголем дел од плаќањата на Заедничката земјоделска политика. Покрај тоа, под лупа е и членството на членови на Владата во одбори на „трустови“ кои се воспоставени како раководни тела на универзитетите по нивната трансформација од јавни во приватни субјекти, а секако, можеле да бидат корисници на средства од ЕУ.  Очигледно незадоволна од одговорите, Комисијата одлучила да го покрене механизмот.

Клопчето допрва ќе се одврзува.  Се поставува прашањето на износот на средства или програми кои би можеле да се суспендираат, како и времетрењето на процедурата, но и можните реакции од страна на Унгарија. Се поставува и прашањето – зошто сѐ уште нема коментари или најави за сличниот случај со Полска. Тоа остава простор и за политички шпекулации, особено по кризата предизвикана од руската инвазија врз Украина и различните позиции во врска со неа на дотогашните едномисленици.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.