Први извештаи за владеење на правото внатре во ЕУ: не за утеха, туку за пример

Окт 21, 2020

naum.lokoski

Осврти

0

Во државите кои пристапуваа во ЕУ често се знаеше да се каже дека ЕУ применува двојни, па и тројни стандарди – едни кои важат за неа, а други за оние што пристапуваат, со разлики и меѓу нив. Факт е дека Европската унија, во рамките на нејзината политика на условеност, е многу поамбициозна кога ги поставува условите за оние што се надвор од Унијата, кога станува збор за политичкиот критериум. Меѓутоа, исто така е факт дека условите што се поставуваат не се без каква и да е врска со она што се случува или се развива како концепт во Европската Унија. Така, многумина и во самата Унија порано забележуваа дека Унијата усвојува извештај за состојбата на човековите права во светот, но не и за самата себеси. Но, штом се создаде правна основа за тоа со усвојувањето на Повелбата за темелните права на ЕУ, Агенцијата за темелни права почна да објавува извештаи за спроведувањето на темелните права во Унијата – уште во 2010 година.

Оваа година Европската комисија за прв пат објави извештај за владеењето на правото во Европската унија, со посебни извештаи за секоја држава членка. Тие предизвикаа огромно внимание во самата Унија. Напоредно се разви и дискусијата за владеењето на правото како услов за користење на средствата од Буџетот на Унијата, при што во постапка е соодветна предлог на регулатива на Комисијата. Усогласувањето воопшто не оди лесно, зашто учествуваат и оние што би можеле да бидат засегнати.

Извештаите за владеењето на правото во Унијата објавени кон крајот на септември оваа година се дел од новиот превентивниот механизам на ЕУ за владеење на правото.  Тоа е всушност дијалог кој се води во рамките на Унијата, меѓу нејзините институции – Комисијата, Советот и Европскиот парламент, но заедно со земјите-членки, како и националните парламенти, граѓанското општество и другите заинтересирани страни за владеењето на правото. Основата за таквиот дијалог се токму објавените извештаи. Тоа не е механизам на санкции – за тоа служи постапката предвидена со членот 7 на Договорот на ЕУ, а не е ни дел од т.н. Рамка на владеење на правото на ЕУ. Сепак, сите овие механизми заедно значително го зајакнуваат инструментариумот за следење и унапредување на владеењето на правото на ЕУ. Од друга страна ова го зацврстува  легитимитетот на ЕУ да бара заштита на истите вредности од оние што сакаат да ѝ пристапат на Унијата.

Пакетот на документи се состои од општ Извештај за целата Европска унија (коминике на Комисијата) и посебни извештаи за секоја од 27-те државите членки (работни документи на службите на Комисијата). Извештаите ги покриваат областите правосуден систем, анти-корупциска рамка, плурализам и слобода на медиумите, како и други институционални прашања што се поврзани со механизмите на контроли и рамнотежа. Повеќе елементи од извештаите за државите пристапнички во однос на владеењето на правото од Поглавјето  23 Правосудство и темелни права се скоро идентични во деловите за правосуден систем и корупциска рамка, како и слобода на медиумите од извештаите за владеење на правото во ЕУ.

Извештаите покажаа голема нерамномерност и разновидност на примената на стандардите за владеење на правото во државите членки на ЕУ. Некои аналитичари, анализирајќи ја нивната содржина, побрзаа да ги рангираат или да ги групираат државите членки според нивото на критичноста на Извештајот на ЕК. Така, порталот „Политико“ ги дели државите членки во пет категории. Првата ја нарекува „авторитарци“ и во неа ги вбројува Унгарија и Полска, додека во втората – наречена „најлоша од останатите“ ја именува само Бугарија. Потоа следат Хрватска, Малта, Романија и Словачка во група наречена „Тешка борба“, алудирајќи на долгите реформи кои бавно даваат резултати. Четвртата категорија ја сочинуваат Шпанија, Италија и Португалија – со заеднички именител „Јужни предизвици“. Последната и најдобра категорија иронично е наречена „Најдобри од останатите“ – држави во кои не постојат системски предизвици за владеењето на правото, но сепак и кај најдобрите има прашања кои ја загрижуваат Комисијата.

Ако е за утеха – не сме саде ние, но погрешно е да се бара утеха. Она што ние треба да го бараме и кон што треба да целиме е највисокиот  репер, најдобар пример за промена, а не најдобар пример за бесплодни реформи.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.