Успешно спроведена третата Национална дебатна анкета, 150 граѓани дискутираа и прашуваа за изборните реформи
Граѓаните дискутираа и прашуваа каков изборен систем сакаат и кои реформи се потребни во изборниот процес во земјава во рамките на третата Национална дебатна анкета за демократија организирана од ЕПИ, во соработка со Центарот за делиберативна демократија од Универзитетот Стенфорд од САД.
На 4 и 5 јуни, околу 150 граѓани од целата земја се информираа и дискутираа за изборните реформи, а потоа своите прашања ги поставуваа на панели составени од релевантните општествени чинители.
Настанот го отвори претседателот Стево Пендаровски, кој со својот говор ги загреа и мотивираше граѓаните за пополодни дискусии за изборните модели и потребни реформи за иднината на земјата.
На прашањата на граѓаните за изборните единици и гласањето на дијаспората одговараа политичките претставници Павле Трајанов, Арта Биљали-Зендели, Драган Ковачки, Викторија Аврамовска-Мадиќ, како и претставникот од граѓанскиот сектор Сефер Селими.
Вториот ден од настанот беше посветен на изборните листи и регистрацијата на гласачи, а по дискуиите на граѓаните на нивните прашања одговараа Рената Дескоска, Сашо Клековски, Халил Снопче, Фадил Зендели и Гордан Георгиев.
Дебатната анкета е уникатна форма на политички консултации која ги комбинира техниките на испитување на јавното мислење и јавната расправа. Таа цели да претстави како би изгледало јавното мислење на одредена тема, доколку граѓаните би имале можност повеќе да се запознаат со темата. Дебатната анкета ги прикажува преференците и мислењата на граѓаните и пред и по детално запознавање со темата.
Дебатната анкета ги мери резултатите, но и промените во ставовите на граѓаните пред и по дебатниот настан.
Дебатата е дел од проектот „АКТ – Активна граѓанска акција 2.0“ кој го спроведува ЕПИ, а е поддржан од National Endowment for Democracy.