Конференција 20 години ССА: Спогодбата е клучен документ за регулирање и развивање на односите со ЕУ

Спогодбата за Стабилизација и асоцијација помеѓу Македонија и ЕУ нуди голем број на можности кои не им се системски објаснети на компаниите и индустријата во земјава, истакна професорката Силвана Мојсовска од Економскиот институт денес на конференцијата „МК-ЕУ ССА: Дваесет години и понатаму“, организирана од Институтот за европска политика.

Таа додаде дека Спогодбата е клучниот документ што ги регулира односите помеѓу земјава и Европската Унија.

„Од почетокот на имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација беше постигната скоро целосна либерализација за влез на македонските производи на европскиот пазар. Тоа значи дека ние може да извезуваме без царини, почнувајќи од 2001 година, а од 2011 тој процес се комплетираше, со тоа што сега и европските производи тука влегуваат без царина“ истакна професорката Мојсовска.

Конференцијата се одржа по повод 20-годишнината од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и за одбележување на десетгодишнината од основањето на ЕПИ.

Во своето воведно обраќање директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска кажа дека земјава има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство, особено во однос на фазата во која што се наоѓа во пристапниот процес, што е резултат на Спогодбата.

„Немаше да бидеме каде што сме во споредбата со останатите земји од регионот да не беше Спогодбата за стабилизација и асоцијација, колку и да сакавме таа да биде само чекор до преговорите“ истакна Кацарска.

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија за европски прашање, Никола Димитров кажа дека неговиот однос кон јубилејот на ССА е амбивалентен, бидејќи од една страна оваа правна рамка ни помогна многу, додека од друга страна не потсетува на изгубеното време, на изгубенте генерации и изгубените можности.

„Ние бевме први што ја зграпчивме оваа шанса меѓутоа уште немаме отпочнато со пристапниоте преговори. Но колку и да е големо искушението да паднеме во таа замка  да се чувствуваме како жртва која е онеправдана, претпочитам да видиме што е тоа што можеме да го направиме за да си одиме по патот што нема алтернатива, по европскиот пат, за да не’ биде“ изјави Димитров.

Заменик-раководителката на единицата за Северна Македонија во Европската комисија, Мари Тереза Моран, потенцираше дека најголемата економска придобивка од Спогодбата е тоа што над 95 отсто од производите од земјава може да се увезвуваат во ЕУ без царина. Таа истакна дека ЕУ во моментов работи и на економската интеграција на Западниот Балкан во ЕУ и со таа цел е и предлогот за Регионален заеднички пазар.

„Покрај планот за економско опоравување и борбата со КОВИД-19 и последиците од пандемијата, го предложивме и Регионалниот заеднички пазар, да се интегрира со Единствениот европски пазар. Ова не е алтернатива, туку отскочна даска за интеграција“ кажа Моран.

На панелот на кој се дискутираа придобивките, неискористените можности и потенцијалите на Спогодбата, државниот советник во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев кажа дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација е најважниот трансформативен проект за земјава.

„Спогодбата за стабилизација и асоцијација го отвори патот и економски и политички и ги постави темелите за нашата сегашна административна и институционална структура“ кажа Тилев.

Невозможна е успешна ЕУ интеграција без регионална интеграција, потенцираше професорот од правниот факултет „Јустинијан Први“, Ванчо Узунов и додаде дека, сепак, тој процес не смее да ја замени ЕУ интеграцијата.

„За помалите држави, меѓу кои е и Македонија, регионалната соработка има капацитет да ги подобри економските перформанси и да ја поведе државата кон економски раст, на краток и среден рок“ истакна Узунов.

Професорот од универзитетот „Мајка Тереза“, Агим Мамути кажа дека е потребно зајакнување на кредибилитетот и капацитетот на клучните економски институции.

Тој исто така предложи дека за справување со економските предизвици, помеѓу другото, потребно е и квалитативно подобрување на клучните сегменти на инвестициската клима и макроекономски политики фокусирани на макроекономска стабилност, особено на фискална консолодација, односно намалување на долгот и буџетскиот дефицит.

Говорниците и учесниците на конференцијата ги анализираа придобивките и неискористените можности и потенцијали на ССА во односите со ЕУ и укажаа на идните насоки за спроведување на Спогодбата.

Comments are closed.