Дискусија: Младите не се доволно информирани за правото на чиста животна средина
Правото на чиста на животната средина има клучна улога во водењето здрав живот, а ова право е едно од најважните за младите. За жал, животната средина е загрозена од различни причини од загадување на воздухот, нечиста вода за пиење па се до нечистотијата во парковите, а младите преку различни форми на активизам и учество, се трудат да ја заштитат.
Дискусијата „Учеството на младите во заштита, промоција и реализација на правото на животна средина како човеково право“, која се одржа на 26 јануари, се обиде да ја отвори темата за начините за тоа како да се максимизира младинскиот потенцијал во промоцијата и реализацијата на правото за здрава животна средина како основно човеково право.
Архуската Конвенција е еден од најважните и најмоќните меѓународни документи и алатки кој им служи на младите активисти. Во своите столбови, Конвенцијата предвидува дека јавноста има право да биде информирана – односно преку поднесување на барање за пристап до информации од јавен карактер на младите им се овозможува правото да бидат информирани каква е состојбата со животната средина. Меѓутоа, од друга страна, надлежните институции се тие кои имаат должност активно да информираат и да ги вклучат граѓаните во одлуките за заштита на животната средина. Државата како земја која ги има ратификувано и транспонирано во нејзиното законодавство меѓународните документи во оваа област, има преземено обврска да ја штити животната средина и да овозможи младите да бидат доволно информирани и да ги вклучи во одлуките кои се носат во врска со управување на природните ресурси.
„Сметам дека младите треба својата енергија да ја насочат кон формирање на повеќе младински организации кои што активно ќе се појават во просторот во јавноста и ќе преземаат мерки за заштита на животната средина“
Во дискусијата се истакна дека младинските совети, централни или локални, треба што поактивно да се вклучат во одлучувањето во општините каде што делуваат и треба истите да имаат свои претставници во централните, односно општинските совети каде што ќе имаат можност да влијаат и на одлуките на локално ниво кои што се однесуваат на заштита на животната средина. Се потенцираше дека младите треба да бидат активни, меѓутоа во нивната проактивност мора да се има познавања и од правото и правните акти, бидејќи така може да се влијае директно во системот и да се издејствува промена.
„Потребна е соработка меѓу организациите кои што веќе имаат искуство во лобирање и застапување на некои прашања за заштита на животната средина, за силата и гласот на младите активисти повеќе да допре до самите носители на јавни функции.“
За време на дискусијата, младите дискутираа и на различни аспекти од темата, тргнувајќи од тоа како се воспитани младите од семејството па се до училиштето; како се адресира проблематиката на правото на животна средина од општинско, локално, ниво се до централно; разбирање на тоа што е креирање на политики на национално ниво. Исто така се зачнаа и темите за тоа колку се (не)свесни младите за одредени проблеми во општеството поточно за животната средина, одредените решенија или препреки и како тие како млади можат да го најдат соодветниот начин да ја адресираат истата проблематика.
Младите потенцираат дека треба да се има лична одговорност кога станува збор за заштита на животната средина и природните ресурси, а дека и се повеќе се зголемува недовербата кај властите и нивните претставници кога е во прашање иднината на животната средина, но, сепак нивна одговорност е очекувана. Јасно е дека иако постои одредена желба за активизам, сепак самата тема на животна средина е нешто што не можеме целосно индивидуално да го решиме, туку е проблем на целата заедница и дека целата заедница треба да се залага, било тоа да е со институционални односно системски промени или вклучување во одредени организации или иницијативи.
Исто така, заштитата на животната средина треба да се воспостави и во наставните програми на основните училишта, така што од рани години младите ќе станат свесни за тоа колку е важно да се чува животната средина. Ова беше споменато како препорака за време на дискусијата бидејќи голем број на млади не се заинтересирани или пак не се целосно и правилно информирани за проблематиката.
Учесниците споделија и нивни лични иницијативи кои ги имаат преземено, како што се чистење на одредени објекти во нивните училишта; чистење на одредени зони во нивните градови; учество на протести против загадувањето на воздухот; како и креирање на видеа за учениците за да се поттикне интересот, но и да се информираат за тоа како луѓето делуваат врз животната средина.
Како дел од дискусијата, заедно со десет млади учесници од различни градови на возраст од 18 до 24 години, беше поканета експертка и застапничка за здрава животна средина, Евгенија Крстевска. Дискусијата беше модерирана од страна на Сара Миленковска.
Дискусијата беше организирана како дел од проектот „АКТ – Активна граѓанска акција 2.0“, спроведен од Институтот за европска политика – Скопје со поддршка од Центарот за делиберативна демократија од Универзитетот Стенфорд од САД. Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy од САД. Оваа дискусија, заедно со уште 4 останати дебатни дискусии со граѓани на различни теми низ целата држава, ќе придонесат за развивање на Национална дебатна анкета која е планирана во 2022 година.