ЕПИ: Со медијација до помалку судски спорови и помали трошоци за граѓаните
Медијацијата значително ја намалува потребата од судски спорови, а истовремено претставува и помал трошок за граѓаните е клучната порака од денешниот настан „Придобивките од медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови“ организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.
На настанот се дискутираше развојот на медијацијата во Северна Македонија, вклучително преку позитивните искуства, како зголемениот број на спогодби, особено во работните спорови. Сепак, македонските граѓани и деловни субјекти не ја користат доволно медијацијата. Искуствата од ЕУ, преку примерот на Холандија како земја која има најголем степен на користење на медијација на европско ниво, укажуваат дека преку овој механизам судовите значително се растоваруваат од случаи, а и дека граѓаните и судовите го претпочитаат како метод на решавање спорови.
На конференцијата говореа министерот за правда – Бојан Маричиќ, заменик-амбасадорот на Кралството Холандија – Н.Е. Роберт Декер, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители – Наташа Габер Дамјановска, претседателот на Комората на медијатори – Славе Младеновски, претседателот на Холандската федерација на медијатори – Јан ван ден Цвитен, државната советничка во Министерството за правда – Радица Лазаревска Геровска, како и претседателот на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на медијацијата во Република Северна Македонија – Марко Андонов.
Конференцијата се одржa како дел од проектот „Медијација, без дилема!“, поддржан до Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје кој ЕПИ го спроведува во соработка со Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’, Комора на медијатори на Република Северна Македонија и Холандска федерација на медијатори. Проектот има цел да придонесе кон промоција и зголемена употреба на медијацијата преку заеднички акции, дијалог и застапување врз основа на докази. Преку соработката со Холандската федерација на медијатори, проектот ќе ги зајакне капацитетите на медијаторите, судиите, обвинителите и ќе ги пренесе тамошните искуства.
Видео материјалот од денешниот настан е достапен на следниот линк: https://www.facebook.com/EPI.Skopje/videos/187089329759652/