Потребна е поголема соработка помеѓу институциите, образовниот сектор и бизнис заедницата за да се развие младинското претприемништво

Младинската невработеност се намалува, но сепак таа е една од највисоките во регионот. Кон процентот од 45,4% младинска невработеност придонесуваат работодавците и нивниот пристап кон вработувањето; јазот помеѓу понудата на работната сила и барањата на пазарот и недоволната соработка помеѓу клучните чинители, вклучувајќи ги владините институции, образовните институции и бизнисите, односно работодавците.

Ова се заклучоците кои ги презентираше Ангел Мојсовски од Институтот за европска политика, а се дел од истражувањето за можностите и бариерите за младинското претприемништво спроведено како дел од проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“.

„Најголемата слабост која ја увидовме е недоволната соработка помеѓу владините институции, образовните институции и бизниситено, таа треба да се зголемува сè повеќе и повеќе“, истакна Мојсовски.

Министерот за економија, Крешник Бектеши потврди дека невработеноста кај младите останува голем проблем.

„Намалувањето на младинската невработеност ја поставивме како приоритет. Вкупниот процент на невработеност го спуштивме под психолошката граница од 20%, а се забележува и тренд на намалување на процентот на невработеност кај младите“ потенцираше Бектеши.

Министерот истакна дека претприемништвото е моќен двигател на економскиот раст и придонесува кон создавање нови компании и работи места, отвора нови пазари и негува нови вештини и способности.

„Владата преку своите институции презема активности да го олесни создавањето на повеќе научно-технолошки паркови и иновациски инкубатори за да креира подинамичен екосистем за претприемништво и иновации, но, исто така, ќе ги поддржи постоечките капацитети за да ја осигура нивната одржливост“ истакна Бектеши.

Олимпија Христова-Заевска, советничка за меѓународна економија и развој во Кабинетот на Претседателот на Владата на РСМ, земајќи ги предвид наодите од Светска банка во однос на младинската невработеност во државата, рече: „Како Влада не стравуваме да бидеме реални околу ова прашање. Треба да притискаме државата да биде претприемничка, а и самите инвеститори да вработуваат претприемачи. Истовремено, државата треба да помогне за поддршка на иновациите. Подготвени сме да работиме на поголема координација меѓу сите носители на активности кои се дел од стратегиите кои ги работеше Министерството за економија, посебно оние за МСП и претприемништво“.

Панел – дискусија „Младинско претприемништво и вработување“

Настанот „Можности и бариери за младинско претприемништво и вработување во приватниот сектор во Северна Македонија“ посветен на младинската вработеност, претприемништвото и образованието за претприемништво. Настанот ќе се финализира со доделување на награди и сертификати на победниците од Школата за претприемништво „Од идеја до стартап“ која беше спроведена од Младински образовен форум (МОФ). Овој настан се одржува во рамки на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образованието за претприемништво“ кој се спроведува од страна на МОФ и ЕПИ, а е поддржан од Центарот за меѓународно приватно претприемништво/Center for International Private Enterprise (CIPE). Преку проектот сакаме да придонесеме кон зголемување капацитетите на младите од Северна Македонија за да се вклучат во претприемништво, да се зголеми улогата на приватниот сектор во образованието за претприемништво и да се зголеми поддршката на политики кои ги подобруваат економските услови за младите од државата.

Posted by Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF on Wednesday, June 12, 2019

Професорот Фатмир Бесими од Универзитетот на Југоисточна Европа порача дека треба да се зголеми учеството на младите на пазарот на трудот.

„Фактот дека 57% од младите очекуваат државна работа зборува многу за менталитетот создаден во нашиот образовен систем“ рече Бесими.

Тој рече дека земјава треба да се фокусира на претприемништвото кај младите уште од самиот почеток, во образованието, со цел да се подигне свеста на младите за економска активност и претприемништво.

Валентина Дисоска од Здружениeто на бизнис жени – Македонија истакна дека во земјава ни се потребни проекти кои ќе прикажат резултати.

„Жените во принцип се поактивно сакаат да бидат претприемачки. Она кое што недостасува е знаењето и умеењето како да се биде претприемачка. Тоа не би рекла дека е до нас или дека може да се издвои една единка или целина зошто е тоа така. Тоа е системски пропуст“ рече Дисоска и додаде дека претприемачите немаат поддршка и се заборавени во моментот кога растат од старт-ап во поголема компанија.

Според неа, во моментов во нашата држава претприемништвото се гледа од негативен аспект.

„Многумина од тие кои што започнале да се занимаваат со претприемништво размислуваат за заминување од земјава. Бидејќи постои тн. претприемачка сиромаштија, тоа е кога бизнисот не може да стигне од еден крај до друг крај на месецот, а притоа да нема системска поддршка за развој на бизнисот. Токму тоа ни се случува кај нас“ заклучи Дисоска.

Тања Илиевска како претставник на Фондот за иновации и технолошки развој истакна дека од година во година се гледа разликата во однос на интересот на компаниите да аплицираат за грантови, првенствено поради тоа што и буџетот од година во година се зголемува, но интересот, според неа, најмногу е поради тоа што голем број на млади претприемачи со идеја се волни да ја реализираат истата.

 

„Еден од најпознатите проекти за поддршка на старт-ап е ‘Стартапувај’. Преку тој проект обезбедуваме поддршка за новоосновани компании, поголемиот дел од тие компании се основани од млади. Во 2019 веќе имавме повик, кој заврши. Буџетираниот износ беше 1 милион евра, но поради квалитетните апликации овој буџет ќе се зголеми. Врз основа на тој првичен буџет избрани се 34 компании, од кои 15 се новоосновани компании, од млади, потенцијални претприемачи“ рече Илиевска.

Таа истакна дека секој апликант кој ќе стане корисник на Фондот веднаш стапува во менторска програма. Како што потенцираше Илиевска, во петгодишното постоење на Фондот, се уште нема згасната компанија која што била грантирана од страна на ФИТР.

Ивона Крстевска од Националниот младински совет на Македонија рече дека младите не се доволно вклучени во креирањето на младинската политика.

„Додека оваа држава ги третира младите како проблем, а не како ресурс, ние ќе имаме млади кои што не сакаат да се вклучат во програмите за претприемништво, ќе ја гледаат својата иднина во странство, но не во својата земја. Тие ќе имаат многу мали капацитети за спроведување на сите оние програми за кои што зборуваме денес“ потенцираше Крстевска.

Таа истакна дека ни е потребно признавање и препорзнавање на неформалното образование, бидејќи со таков системски пристап, граѓанските организации ќе може да помогнат во имплементацијата на активностите за претприемништво. Освен тоа, според Крстевска, потребна е и интеграција на претприемничкото учење во формалното образование.

Норик Селими од Кариера.мк кажа дека бизнисот треба да го раздвижува бизнисот.

„Се уште немам сретнато држава што помага иновации, секаде бизнисот го помага тоа. Затоа менталитетот мора да се смени. Не може вечно државата да не помага. Мора да се мотивира бизнисот за да го забрзува бизнисот на младите“ рече Селими.

Спроед него, компаниите се тие што треба да создадат Фонд за иновации, бидејќи на многу поинаков начин ги вреднуваат идеите кои што доаѓаат до нив.

Настанот беше дел од проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образование за претприемништво“ кој го спроведуваат МОФ и ЕПИ, а е поддржан од Центарот за меѓународно приватно претприемништво/Center for International Private Enterprise (CIPE). Проектот цели да придонесе кон зголемување капацитетите на младите од Северна Македонија за да се вклучат во претприемништво, да се зголеми улогата на приватниот сектор во образованието за претприемништво и да се зголеми поддршката на политики кои ги подобруваат економските услови за младите од државата.

Во рамки на проектот покрај истражувањето за можностите и бариерите за младинското претприемништво, беше спроведена и школа за претприемништво „Од идеја до стартап“ која ја завршија 25 учесници. Тие формираа свои тимови и изготвија бизнис идеи. Во конкуренција од осум тима, наградени беа АртТехне, Bloodmoon и Дом за сите.

Comments are closed.