Ќе спречуваме и заштитуваме од дискриминација, НО…
И конечно, и по втор пат – донесовме Закон за заштита и спречување од дискриминација. Во Извештајот во 2019 година Европската комисија нѐ пофали за донесувањето на новиот Закон и го сметаше за крупен исчекор во темелните права. Ама, „пу, пу, не важи“, излезе дека нашиот убав закон, што така грлато многумина го поздравија – меѓу другото и невладиниот сектор и Европската комисија, всушност и не бил донесен, зашто не го добил потребното мнозинство во Собранието. Веројатно досега единствен таков случај во државава, но ајде да не ситничариме, тоа е друга тема…
Чекајте, не е по втор пат. Ние имавме Закон за спречување и заштита од дискриминацијата уште од 2010 година, но… И тука доаѓа уште едно наше „но“. Значи, првиот закон за заштита и спречување од дискриминацијата го донесовме пред 10 години. Го сменивме во меѓувреме два-три пати, но ништо битно. Што му фалеше? Многу, барем според оценката на Венецијанската комисија. Пред сѐ – недоволна независност на Комисијата што треба да го спроведува, непокриеност на основите за дискриминација (по оснoв на „родoв идентитет“ и „сексуална ориентација“), неспоменување на должност на државата да ја промовира еднаквоста, преголемиот товар на оштетениот да докаже дискриминација, итн. итн…
И така, ја повторуваме лекцијата по точно 10 години. Како повторно да сме на почеток. Или можеби – сепак не. Можеби во меѓувреме му требаше на нашето општество да созрее. Или само му требаше малку повеќе притисок – и одвнатре и однадвор? Веројатно по малку и од едното и од другото. Далеку од тоа дека можеме да кажеме дека во изминативе десет години се отвори вистинска дебата за дискриминацијата, но барем се создадоа условите за тоа. Сепак некои работи треба да ставиме и на позитивното конто. Тоа е секако начинот на кој невладините организации се застапуваа за заштитата против дискриминација – заедно, упорно и доследно. Мораме да признаеме дека веќе се создаде и судска практика за недискриминацијата која може да биде добра основа во примената на новиот Закон. Државава има експерти од оваа област кои не само што ги следат, туку и учествуват во современите европски дебати и истражувања во оваа област. А Комисијата? Веројатно и таа направи некои добри нешта, но ќе биде запаметена единствено по одлуката за дискриминација што великодушно му ја додели на поранешниот премиер, сега во азил.
Зошто е ова европска тема? Тоа е принцип, гарантиран и со многу меѓународни универзални документи. Сепак, недискриминацијата е една од темите кои се специфични за Европската унија. Правната рамка во ЕУ за недискриминација е далеку од совршена. Таа е мозаична, комплексна. Всушност, треба да говориме за европска правна рамка, зашто онаа на Советот на Европа и на Европската унија се испреплетуваат, што дополнително ја усложнува примената. Сепак, она што е значајно е инсистирањето на нејзиното спроведување и целиот сплет на механизми кои треба да обезбедат еднаковста и недискриминацијата практично да се реализираат.
И тука доаѓаме до најголемото „но“. Имаме закон – сега би требало да е „со сите нишани“, но тој ќе треба да се применува, и тоа на поинаков начин од порано. Првиот тест за неговата примена ќе биде изборот на членовите на Комисијата – независна и самостојна. Пратениците немаа доблест да го прифатат предлогот на невладините организации изборот на нејзините членови да биде по примерот на изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата. Тоа веќе раѓа сомневања дека и ова тело ќе се најде во „поделбата на пленот“ или ќе се направи некаков „разумен компромис“. Да се надеваме дека сомневањата нема да ги обесхрабрат оние што се независни, имаат интегритет, можат и сакаат да ја работат оваа работа да се пријават на јавниот оглас што Собранието наскоро треба да го објави. Потоа топката пак ќе биде во Собранието. Пратениците треба да се свесни дека лупата е многу изострена и дека секој потег македонската јавност (не само Европската комисија) ќе го стави на кантар.
Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика