Извештајот на Европската комисија: аргумент повеќе за почеток на преговорите
Пакетот докумeнти за проширувањето на Европската комисија е прв кој ја применува новата Методологија. Тоа е видливо од Стратегијата за проширување, која прави појасен преглед на состојбите по државите. Кога во овој документ ја гледаме нашата држава споредено со другите од пакетот – стоиме добро. Едноставно не сме проблематични, а нагласено е очекувањето за почнување на преговорите, за кои и натаму стои оценката дека ги исполнуваме сите услови.
Кллучна оценка, што ја разликува нашата држава од другите е оценката дека Северна Македонија “продолжи да ја унапредува агендата за реформи на ЕУ на инклузивен начин, вклучително и опозиција во Парламентот, граѓанското општество и меѓународните партнери”, како и дека „ги засили своите напори и даде понатамошни опипливи и одржливи резултати“ – особено во клучните области утврдени во заклучоците на Советот од јуни 2018 година, или добро познатиот Извештај на Прибе. Колку и да сме самите критични кон реформите во правосудтвото, борбата против корупцијата или реформата на безбедносните сили, Европската комисија се чини дека дава повеќе од преодна оценка во овие области, констатирајќи „добар напредок“ во нив. Секако, останува и напомената дека реформите треба да продолжат со засилено темпо и да бидат континуирани или „одржливи“. Забележлива е воздржаноста на ЕК кон иницијативата за ветинг, која не се споменува директно, но се препорачува да се спроведат постојните механизми, пред да се пристапување кон натамошни промени. Во Поглавјето 24 – Правда слобода и безбедност, иако оценето со добар напредок, забележлива е препораката институционалните реформи во безбедносниот сектор да се преточат во проактивни политики и опипливи резултати.
Од реформата на јавната администрација останува, иако внимателно, кажано, прашањето на вработувања во јавната служба засновано на мерит – принципот. Но, она што загрижува се критичките оценки во поглед на капацитетот за стратешко планирање и координација на политиките, вклучувајќи и во поглед на агендата за пристапување во ЕУ. Ова може да има реперкусии врз капацитетот на државата да ги користи средствата од најавениот Економски и инвестициски пакет, за кој ваквиот капацитет е неопходен.
Оценките во однос на темелните права се покритични, со препораки за итно усвојување на анти-дискриминацискиот закон и спроведување на препораките кои се однесуваат на затворот односно притворот, како и правата на жените, децата и и лицата со попреченост. И во однос на слободата на изразувањето, присутни се критики – во однос на случаите на заплашување на новинарите, а нагласена е и потребата од приоретизација на реформата на јавниот сервис.
Кај економските критериуми, иако напредокот е оценет како „ограничен“, главно заради последиците од КОВИД кризата, како и реверзибилните текови во оданочувањето на приходот и пензиската реформа, останува оценката дека државата е добро подготвена во поглед на функционирањето на пазарната економија. Во вториот елемент на економскиот критериум – капацитетот да се справиме со силите на конкуренцијата на пазараот на Унијата и натаму стоиме послабо – „одреден напредок“ и „умерено ниво на подготвеност“. Приоретизирана е потребата од реформа на образовниот систем, развој на патната инфраструктура и диверзификација на енергетските извори.
Во поглавјата што сега го сочинуваат кластерот Темели, добра е оценката за напредокот во поглавјето 18. Статистика со прилично поволна оценка за подготовките за Пописот, додека Поглавјата 32. Финансиска контрола и 5. Јавни набавки бележат скромен „одреден напредок“.
Во Пакетот документи прашањето на добрососедските односи не е нагласено. Во контекст на Стратегијата, само се напоменува дека и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се спроведуваат во добра волја, од сите страни, додека од аспект на почитувањето на нашите обврски се нагласува дека Северна Македонија треба да продолжи да ги спроведува билатералните договори, вклучувајќи ги и овие два.
Од поглавјата, забележлив и позитивен е добриот напредок во 11. Земјоделство и рурален развој и 12. Безбедност на храната, кои се исклучително тешки поглавја, како и во 15. Енергетика. Но, разочарувачки е напредокот во поглавјата од областа на внатрешниот пазар, како и континуираното заостанување во Поглавјето на животната средина.
На крајот, да напоменеме дека при презентирањето на Пакетот за проширување оваа година централно место доби долго најавуваниот Економски и инвестициски план за Западниот Балкан, со кој поголемиот дел од предпристапната помош се насочува кон регионалниот пакет. Но, ова прашање заслужува посебна анализа.
Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика