Советот за соработка меѓу Владата и ГО бара промена на одлукатa со која се кратат средствата за заштита од ХИВ за 2022 година

Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество го искажува своето несогласување со одлуката на Министерството за здравство за драстичното намалување на буџетот за превенција на ХИВ-инфекцијата, кој е наменет за услуги за клучните популации засегнати од овој вирус, коишто досега ги испорачуваа 14 здруженија во 12 градови низ земјата.

Наместо 46,5 милиони денари, колку што се предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, наменети за услугите за превенција на ХИВ што ги реализираат здруженија, Министерството за здравство на 15.3.2022 г. објави јавен повик за здруженија со износ намален за дури 19 милиони денари, што претставува намалување за повеќе од 40 %. За ваквата одлуката воопшто не била консултирана Националната комисија за ХИВ, како стручно и мултисекторско тело во земјата во врска со епидемијата на ХИВ задолжено за насочување и координирање на националниот одговор кон овој проблем.

Одлуката на Министерството за здравство ќе значи уништување на воспоставените капацитети и систем за контрола на ХИВ-инфекцијата во земјава, коишто се градени во текот на две децении, вклучително и со меѓународна поддршка во висина од најмалку 25 милиони долари. Потсетуваме дека од 2018 година, Владата на Република Северна Македонија формално го презеде како своја обврска финансирањето на услугите за превенција на ХИВ за групите изложени на поголем ризик и во своите политики се обврза да ја гарантира одржливоста во иднина. Притоа, во 2017 година Владата констатирала дека за финансирање на услугите за клучните популации засегнати од ХИВ неопходни се 60 милиони денари на годишно ниво – износ кој никогаш не бил обезбеден.[1]

Сето ова ќе се одрази негативно врз здравјето на најмалку 10,000 граѓани кои се директни корисници на услугите за заштита од ХИВ, а индиректно и на многу поголем број граѓани од клучните засегнати популации, имајќи предвид дека станува збор за инфекција, која се пренесува по сексуален или крвен пат, како и од мајка на дете. Губењето на контролата на епидемијата ќе значи пораст на нови инфекции и пораст на смртни случаи поради ХИВ. Престанувањето со работа на овие услуги исто така ќе го зголеми и притисокот врз клучни здравствени институции, како што се Клиниката за инфективни болести и центрите за лекување на зависности, што е најмалку потребно во услови веќе длабока јавно-здравствена криза. Најпосле, но не помалку важно – штедењето од превенцијата на болести, не претставува штедење, бидејќи многукратно ќе ги зголеми трошоците за лекување и здравствена грижа, на краток и на долг рок.

Одлуката за кратење е зачудувачка и со оглед на тоа што се работи за веќе утврдена годишна здравствена програма, која Владата ја усвои пред само еден месец. Дополнителен проблем претставува и самиот факт што поради доцнење на донесувањето на програмите во делот на здравството и уште поголемо доцнење на јавниот повик за здруженија во рамките на Програмата за ХИВ, континуитетот на овие есенцијални услуги веќе трет месец по ред е доведен во прашање. Во изминатите 3 месеци целокупниот национален одговор кон оваа епидемија е препуштен на товар на 14 граѓански организации, кои продолжуваат со работа без никаков надомест за својот труд. Ваков однос кон кое било прашање од јавното здравје е неодговорен.

Благодарение на овие програми, Република Северна Македонија во изминатите 15 години има постигнато и одржано контрола на епидемијата на ХИВ во популациите на луѓе што инјектираат дрога и сексуални работници и една од најниските стапки на инфекција во регионот. Тоа се исклучително значајни резултати кои во ниту еден случај не смеат да бидат загрозени. Сепак, земјата сè уште треба да ги зголеми напорите и инвестициите во одговорот кон ХИВ, за да ги постигне глобалните цели до 2025 година, зацртани со Политичката декларација за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на Обединетите нации усвоена во 2021 г. Овие напори треба да бидат насочени особено кон рано дијагностицирање на ХИВ-инфекцијата, каде што земјата во моментот значително заостанува зад светскиот просек.

Свесни за актуелната здравствена, безбедносна и енергетска криза, укажуваме дека мора да се одржи здравствената заштита за сите граѓани, вклучително и на најмаргинализираните, чие здравје се одразува и врз здравјето на целата популација. Воопшто, рационализацијата на државниот буџет во ниеден случај не смее да има последици врз здравствената заштита, вклучувајќи ја превенцијата на епидемии. Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија не смеат да заборават дека освен со КОВИД-19 светот се соочува и со сè уште активна пандемија на ХИВ, а одлуките за прашањата од јавното здравје треба да ги носат транспарентно и врз основа на докази и стручна дискусија.

Имајќи го предвид сето претходно, Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество ги поддржува барањата на Платформата од 14 граѓански организации кои спроведуваат програми за заштита и поддршка во врска со ХИВ:

 

  1. Итно да се коригира објавениот јавен повик за здруженија што ќе ги спроведуваат активностите за превенција на ХИВ во согласност со износите предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, усвоена од Владата во февруари 2022 година;

 

  1. Владата и Собранието конечно да го гарантираат континуитетот на веќе воспоставениот систем за заштита од ХИВ. Тоа значи: Собранието без одложување и во целост да ги усвои измените на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на механизмот на вклучување на здруженија во спроведувањето на здравствените програми, а Министерството за здравство да развие подзаконски акти со кои ќе ги исполни обврските од заклучоците усвоени од Владата во септември 2017 година и обврските од претходната и тековната Стратегија на Владата за соработка и развој на граѓанскиот сектор;

 

  1. Поради големото доцнење на објавата на јавниот повик, Владата и Министерството за здравство преку интервентна поддршка да ги надоместат трошоците на здруженијата за првото тримесечје од 2022 година настанати поради нивното посветено одржување на националниот одговор кон ХИВ.

[1] Влада на Република Македонија. Информација за воспоставување одржливост на националниот одговор на ХИВ во Република Македонија во рамките на буџетот на Министерството за здравство, усвоена на 5.9.2017 година.

Comments are closed.