ЕПИ: Граѓаните имаат можност да дадат мислење за услугите, но повратните информации не се јавно достапни
Граѓаните сѐ повеќе веруваат дека имаат можност да дадат мислење за квалитетот на услугите преку административните канали, но процентот на граѓани што сметаат дека овие канали се лесни за употреба се намалува. Сепак, повратните информации од граѓаните не се јавно достапни.
Ова се дел заклучоците од вториот Национален извештај за мониторингот на реформата во јавната администрација, подготвен од Институтот за европска политика, како дел од мрежата ТЕН (Мисли за Европа), во рамките на проектот Вебер. Извештајот беше презентиран на настанот „Граѓаните на прво место“ кој се одржа денес.
Како дел од проектот е изработен и граѓански портал – sledimereformi.mk – на кој корисниците на услугите на јавната администрација можат да и споделат искуствата од контактите со администрацијата, кои потоа ќе бидат споделени и вклучени во извештаите.
Во Националниот извештај се потенцира дека општа забелешка за целокупниот консултативен процес е дека консултациите обично се случуваат во доцна фаза кога документите се веќе подготвени, а нема докази (записници или извештаи) за индивидуални коментари, забелешки или предлози од граѓанските организации, ниту за отворен дијалог за спорни прашања.
Како една забелешка која се истакнува во Извештајот е дека Стратегијата за РЈА не предвидува вклучување на ГО во административните структури за координација и мониторинг на РЈА.
Резултатот во овој извештај за јавната достапност на информациите за работата на Владата е значително подобрен во споредба со претходниот од 2017/2018 година, имајќи предвид дека плановите за работа на Владата и извештаите за плановите претходно не се објавуваа, а сега нивното објавување е постојано на небирократкси и разбрлив начин.
Она што треба да се издвои е дека во регионот само Северна Македонија и Албанија имаат пракса на објавување кумулативни податоци за бројот на службеници во јавниот сектор. Како и да е, отсуствуваат квалитативни податоци за повеќе сегменти од системот.
Во Извештајот се заклучува дека потребно е воспоставување на прецизни критериуми за ангажирање лица преку агенциите за времени вработувања и се истакнува потребата од носењето на Законот за висока раководна служба за да се спречи политичкото влијание врз високите раководни службеници.
Настанот го отворија Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ, министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири и директорот на ОЕЦД/СИГМА Грегор Вирант кои повторија дека забележан е напредок во одредени сектори, но останува уште работа особено кога се работи за имплементација на законите.
За состојбата и усогласувањата на реформските заложби кои се преземаат на терен, како и за предвидените чекори за РЈА на панелот дискутираа Билјана Николовска – Жагар – советничка на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија; Неда Малеска – Сачмароска – извршна директорка на Центар за управување со промени; Томас Пророк, – заменик директор на КДЗ – Центар за истражување на јавната администрација; и Kaидо Паабуск – виш советник и раководител за Северна Македонија во ОЕЦД/СИГМА.
Проектот WeBER 2.0 – Зајакнување на граѓанското општество од западниот Балкан за реформирана јавна администрација е финансиран од Европската Унија.Овој проект работи назајакнување на ангажманот на граѓанските организации во РЈА преку мониторинг базиран на докази, на линија со барањата на ЕУ. Исто така работи на јакнење надијалогот помеѓу граѓанските организации и владата..
Проектот е имплементиран од шест организации од западниот Балкан, членки на мрежата Think for Europe-TEN (Центарот за европски политики- CEP Белград, Институтот за демократија и медијација – Тирана, Институтот Подгорица, Иницијатива за надворешна полтика – Сараево, Група за правни и политички студии – Приштина, и Институтот за европска политика – Скопје). Координатори на проектот се Центарот за европски политики од Белград. Исто така, партнер на овој проект е и European Policy Centre – EPC од Брисел.