Извештај во сенка за Поглавје 23 за периодот октомври 2022 – септември 2023 година
Овој извештај во сенка ги обединува во единствена кохерентна целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на областите содржани во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Ова е осми ваков извештај што го објaвува Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, земајќи ги предвид коментарите и мислењата на невладините организации. Претходните седум извештаи ги покриваа следните периоди: октомври 2014 година – јули 2015 година, јули 2015 година – април 2016 година, мај 2016 година – јануари 2018 година, јуни 2018 година – март 2019 година, април 2019 – март 2020 година, април 2020 – септември 2021 година и октомври 2021 – септември 2022 година.
Извештајот го опфаќа периодот од почетокот на октомври 2022 година, заклучно со крајот на септември 2023 година. Во извештајот се прикажани податоци што се релевантни и пред октомври 2022 година, доколку тие биле потребни за контекстуализација или за појаснување на новините од тековниот извештаен период, а се релевантни за извештајниот период. Периодот на опфат на извештајот соодветствува на извештајниот период на Европската комисија (ЕК) за Република Северна Македонија (РСМ). Овој нацрт-извештај ја следи структурата на Поглавјето 23, согласно извештајот на ЕК. На крајот на секоја област во рамка се издвоени препораките и главните заклучоци.
Извештајниот период беше проследен во знак на вклученоста на земјата во скрининг процесот, добивањето на скрининг извештајот за Кластер 1, „Темелни вредности“, како и подготовката на стратешките документи за отворање на истоимениот кластер, паралелно со постојната нагласена политичка поларизација околу „францускиот предлог“ и уставните измени и загрижувачките случувања во областа на владеењето на правото. Дополнително, се презентираше и извештајот на франко-германската работна група за институционална реформа на ЕУ, позиционирајќи го почитувањето на владеењето на правото како неприкосновено уставно начело, суштински за ефективното функционирање на ЕУ и предуслов за пристапување. Со ова, постои потреба од значајни практични промени што се на линија со европските стандарди и докажување на посветеноста од страна на институциите за реформите во областа.
Овој извештај во сенка е изготвен во рамките на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“. Проектот е финансиран од Европската унија и има цел да помогне во креирањето на одржливи реформи за владеење на правото во насока на пристапувањето во Европската унија.