Извештај во сенка за Поглавје 23 за периодот април 2020-септември 2021

Овој извештај во сенка ги обединува во единствена кохерентна целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на областите содржани во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Ова е шести ваков извештај што го објaвува Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ), земајќи ги предвид коментарите и мислењата на невладините организации. Претходните четири извештаи ги покриваа следните периоди: октомври 2014 година – јули 2015 година, , јули 2015 година – април 2016 година,  мај 2016 година – јануари 2018 година и јуни 2018 година – март 2019 година , април 2019 – март 2020 година.

Извештајот го опфаќа периодот од почетокот на април 2020 година, заклучно со крајот на септември 2021 година. Во извештајот се прикажани податоци што се релевантни и пред април 2019 година, доколку тие биле потребни за контекстуализација или за појаснување на новините од тековниот извештаен период, а кои се релевантни за извештајниот период. Периодот на опфат на извештајот соодветствува на извештајниот период на Европската комисија (ЕК) за Република Северна Македонија (РСМ, Северна Македонија). Овој извештај ја следи структурата на Поглавјето 23, согласно извештајот на ЕК. На крајот на секоја област во рамка ги издвоивме препораките и главните заклучоци.

Во текот на извештајниот период државата се соочи со ветото од Бугарија, со што Бугарија не го прифати нацртот на преговарачката рамка со Северна Македонија и не се постигна компромис за отворање на првата меѓувладина конференција. Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 придонесе за прогласување на вонредна состојба и одолжување на предвремените парламентарни избори, но и на тест ги стави институциите што во овој исклучително динамичен период требаа да се справат со кризата предизвикана од пандемијата и здравјето на граѓаните да се стави во преден план, а во исто време непречено да се одвиваат и другите реформи.

Овој извештај во сенка е изготвен во рамките на институционалниот грант на Институтот за европска политика финансиран во рамките на програмата на ЦИВИКА мобилитас.

Comments are closed.