Можен ли е импулс за реформи?
Анализа на Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија од 19 октомври 2021 година
Контекстот во кој се објави Пакетот за проширување оваа година, го обележуваат справувањето со кризата со Ковид-19, понагласените геополитички и геостратешки фактори, енергетската криза, но и миграциските прашања кои повторно се актуелизираат.
Во самата ЕУ е сѐ повидлив расцепот околу стандардите за владеење на правото, по низата постапки на Комисијата и одлуките на Судот на правдата на ЕУ (СПЕУ) против Полска, но и Унгарија, констатирани и во годишниот извештај на ЕУ за владеење на правото.1 Ваквите трендови во ЕУ имаат сериозно влијание врз поддршката за проширување дури и кај земјите кои се традиционално поддржувачи на оваа политика на Унијата.
Комисијата во Стратегијата за проширување оваа година повторно препорачува почеток на преговорите – усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија и Албанија до крајот на годината, тврдејќи дека одложувањето има негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ. Повторно се препорачува и визна либерализација за Косово. Предложено е и отворање два кластери со Србија. За другите држави не се предложени нови чекори во процесот. Комисијата прави обид за исчекор и оваа година, по стагнацијата во статусот на процесот минатата година, кога ниедна држава не направи никаков исчекор. Амбициозните изјави на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, во нејзината септемвриска посета на регионот пред објавувањето на Пакетот, беа насочени кон создавањето клима за тоа. Помалку амбициозни беа државите членки во Декларацијата од Брдо на Самитот ЕУ – Западен Балкан, во обидот да го одржат поттикот за процесот.
Овој Извештај доаѓа во период кога процесот на пристапување на Северна Македонија е „заробен“ од блокадата поставена од Бугарија, и целосно ги фрла во сенка условите и реформите кои произлегуваат од обврските од членството, односно усвојувањето на acquis на ЕУ. Во овие услови, ризикот од понатамошното слабеење на трансформативната моќ на ЕУ во пристапувањето е исклучително висок. Овој ризик е особено видлив во нашиот случај како држава која е две декади во процесот ССА, но е присутен во целиот регион.
Дополнително, под знак прашалник се поставува и претходно широко распространетото мислење дека Европската Унија дејствува како актер кој придонесува за демократизацијата во државите кандидатки.