Нов извештај на ЕК: Без изненадувања
Презентацијата на пакетот за проширување во Комисијата за надворешна политика од страна на комесарот Вархеји беше видливо во сенка на блокираниот пристапен процес на Северна Македонија и Албанија и неможноста државите членки да ја донесат одлуката за почетокот на преговорите со двете држави.
Во овие услови, Комисијата безбедно останува на веќе познатите главни наоди и препораки во поглед на отворањето на преговорите. Во Заклучоците на овогодишната Стратегија за проширувањето, Комисијата повторува дека одложувањето на почетокот на преговорите со двете земји негативно влијае врз кредибилитетот на ЕУ. Затоа повикува билатералните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија да се решат како приоритет, државите членки да ја завршат дискусијата за преговарачките рамки и првите меѓувладини конференции да се одржат пред крајот на оваа година. Ваквото инсистирање е поддржано со оценката дека државата ги исполнила условите за одржување на првата меѓувладина конференција, благодарејќи на „одржувањето стабилно и одлучно темпо во спроведувањето на реформите во ЕУ, особено во клучните области како што е владеењето на правото, вклучително и во борбата против корупцијата и организираниот криминал“.
Иако Извештајот е методолошки изменет – сега тој е целосно структуриран по кластери, суштествено нема големи новини во пристапот на Комисијата, освен редоследот на поглавјата и сумирањето на главните наоди по поглавја. Во повеќето од кластерите Северна Македонија е проценета како умерено подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ со видливи разлики помеѓу посебните поглавја во кластерите.
Покрај оваа куса анализа, Институтот за европска политика подготвува детална анализа на извештајот и препораките со споредба на трендовите која ќе биде објавена во наредните неколку денови.