Конференција: Спогодбата за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ – дваесет години и натаму

Институтот за европска политика организира конференција „Спогодбата за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ – дваесет години и натаму“ на 28 април во 10 часот на платформата Зум.

Конференцијата се одржува по повод 20-та годишнина од потпишувањето на ССА меѓу Република Македонија и ЕУ (9 април 2001 година).

Истовремено, Институтот за европска политика (ЕПИ) ја одбележува десетгодишнината од своето постоење. Првата активност на ЕПИ пред десет години беше токму Конференцијата по повод десетгодишнината од потпишувањето на ССА.

Во поновата македонска историја многу значајни настани се случиле во првите години од децениите. Така, оваа година нашата држава одбележува и 30 години од независноста и 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Конечно, пред една година нашата држава, сега како Северна Македонија стана и членка на НАТО.

Република Македонија беше државата која прва во регионот склучи Спогодба за стабилизација и асоцијација и држава од регионот која е најдолго кандидат – веќе 16 години. И покрај промената на името со цел членство во НАТО и ЕУ, ЕУ не ги отвори преговорите со нашата држава, како што беше очекувано, поради неоснованата блокада од страна на Бугарија иако беше воспоставена и  нова и посложена методологија на пристапувањето.

Во меѓувреме се појавија иницијативи за други форми на здружување на државите од регионот со ЕУ како алтернатива на членството – од типот на Европска економска област, коишто беа одбиени од страна на лидерите во регионот, но и од пошироката јавност, инсистирајќи  на членство.  Сепак, не беше отворена поширока расправа околу овие идеи.

ССА останува правната основа за односите меѓу Северна Македонија и ЕУ. Времената спогодба за трговија и трговски прашања стапи во сила во јуни 2001 година, додека ССА стапи во сила на 1 април 2004 година. Институционалната рамка воспоставена со ССА останува главната институционална рамка на односите меѓу нашата држава и ЕУ.

Во вакви услови, а особено во светло на успорениот и посложен процес на пристапување, како и  „новите идеи“ за алтернативи за членството станува поактуелно да се навратиме на ССА и да ги валоризираме нејзините придобивки и можности.

Токму затоа целта на Конференцијата е:

  • да ги анализира придобивките, но и неискористените можности и потенцијали на ССА во односите со ЕУ и
  • да укаже на идните насоки за спроведување на Спогодбата.

Oдбрани анализи на ЕПИ посветени на Спогодбата за стабилизација и асоцијација:

Comments are closed.