Започна со работа Националниот консултативен механизам за Реформската агенда (НКМ-РА), форум за размена на искуства

Денес, во Europe House во Скопје и онлајн преку Zoom, се одржа првиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда (НКМ-РА). Овој мултисекторски механизам е составен од граѓански организации со искуство и интерес за следење на Планот за раст, Реформската агенда и процесот на ЕУ-интеграција, кои изразија интерес за учество преку јавниот повик објавен од Институтот за европска политика (ЕПИ).

Имплементацијата на Реформската агенда на Северна Македонија бара инклузивен пристап и активна вклученост на сите засегнати страни за успешно спроведување на реформите и унапредување на економскиот потенцијал на државата. Затоа, клучна е воспоставата на платформа за отворен дијалог и соработка меѓу институциите, граѓанскиот сектор, академијата и бизнис-заедницата.

Во тој контекст, ЕПИ во соработка со Министерството за европски прашања (МЕП), го воспостави НКМ-РА 2024–2027 како нова национална платформа за структуриран, транспарентен и инклузивен дијалог заснован на докази. Механизмот овозможува размена на мислења и следење на спроведувањето на Реформската агенда во рамки на Инструментот за реформи и раст на ЕУ за Западен Балкан.

На отворањето, директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, истакна дека целта на проектот е воспоставување на национален механизам за консултација со граѓанскиот сектор, коморите и академската заедница:

 „Се надеваме дека ова е почеток на форум за размена на искуства за новите инструменти од Планот за раст. Тоа ќе биде еден од каналите за дискусија за темите што ги опфаќа Планот“, рече Кацарска.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, посочи дека механизмот овозможува системски дијалог меѓу институциите и граѓаните, научната и деловната заедница:

 „Ова не е само административна неопходност, туку обид да создадеме култура на реформи заснована на доверба, отчетност и заеднички цели. Целта е европската перспектива да се претвори во реалност преку владеење на правото, енергетска транзиција, дигитална трансформација, унапредување на човечкиот капитал и добро владеење — пет меѓусебно поврзани столбови“, изјави тој.

Заменик-шефот на мисијата на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, нагласи дека транспарентноста и отчетноста се клучни за успешни реформи и инвестиции:

 „Оценувањето за првите шест месеци е веќе во тек, и состанокот е навремено одржан. Потребно е граѓанските организации да се вклучат и го мониторираат процесот за да се обезбеди дека сè се одвива како што треба“, рече Нупнау.

Во работниот дел на состанокот, Фикрија Таир-Селмани од ЕПИ го претстави проектот „Следење реформи и раст во Западен Балкан“ и улогата на НКМ-РА во неговата имплементација. Драган Тилев и Христина Конеска-Бероска од МЕП ги презентираа активностите на министерството и одговорните институции во контекст на Реформската агенда.

Свои активности поврзани со Планот за раст и Реформската агенда презентираа и други членки на механизмот: Институтот Преспа, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Фондацијата Метаморфозис и Реактор.

Оваа активност се реализира во рамки на тригодишниот регионален проект „Следење  реформи и раст во Западен Балкан“, кој го води ЕПИ во партнерство со организациите од  мрежата „Мисли за Европа“ (Think for Europe Network – TEN). Проектот е финансиран од  Европската Унија.