Креатори на политики, дипломати, граѓанското општество и засегнати чинители разговара денес во Скопје за напредокот во регионалната интеграција и спроведувањето на одлуките на ЦЕФТА и договорите за мобилност на настан ко-организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) и Институтот за соработка и развој (ЦДИ) од Албанија.
Настанот е дел од серија настани што се одржува од 22 до 29 мај 2025 година во главните градови на ЈИЕ6 (Западен Балкан), која има за цел да покрене дисксуија за влијанието на одлуките на ЦЕФТА донесени во октомври 2024 година и да придонесе кон агендата за интегрирање на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ.
Настанот го отворија Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ, и Ардијан Хацај, директор за истражување и координатор на Tirana Connectivity Forum во CDI. Двајцата ја нагласија важноста на вклучувањето на граѓанското општество и институционалниот дијалог во Берлинскиот процес, истакнувајќи ja потребата за преминот од потпишување договори кон практична имплементација.
Дискусијата ја модерираше Ана Крстиновска, претседателка на Естима, која ја нагласи важноста на транспарентна и инклузивна дебата за имплементацијата на ЦЕФТА и Заедничкиот регионален пазар.
На првата сесија беа претставени институционални перспективи, вклучувајќи го Јан-Аксел Вос, вршител на должноста амбасадор во Германската амбасада во Северна Македонија, Даниел Филер, вршител на должноста амбасадор во Британската амбасада и Оливера Цени-Бардиќи, експерт за олеснување на трговијата во ЦЕФТА. Еден од заклучоците од сесијата е дека иако ЦЕФТА останува „терен за обука“ за интеграција во ЕУ и мора да биде поткрепена со политичка волја и имплементација. Исто така, беше нагласено дека трговијата и политиката мора да одат рака под рака за да се изгради функционален заеднички регионален пазар. Беше забележано дека 18 од 42 мерки на ЦЕФТА во рамките на Акциониот план за ЦРМ се целосно имплементирани.
Втората сесија се фокусираше на национално ниво на која имаа излагања Крум Ефремов, директор и Билјана Додевска, специјален советник во Директоратот за економска и јавна дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Стефан Ристовски од ЕПИ и професорката Силвана Мојсовска од Економскиот институт во Скопјe. На сесијата, панелистите зборуваа за улогата на ЦЕФТА во усогласувањето на регионалните пазари со стандардите на ЕУ. Се истакна дека Северна Македонија спроведува политики во насока на олеснувањето на трговијата и нетарифните мерки. Исто така, беше споменато дека постојат нееднаквости во стандардизацијата и сертификацијата меѓу страните на ЦЕФТА. Во однос на регионалните договори за мобилност, беа посочени наоди од истражувањето на партнерите кое посочува на фрагментација во имплементацијата и недостаток на јасна комуникација и одговорност, повикувајќи на подобра транспарентност, достапност на податоци и вклучување на граѓанското општество уште од најраните фази на донесување одлуки.
Овој настан е дел од подготовките за 11-тиот Форум за поврзување во Тирана (16-17 септември) и Самитот на Берлинскиот процес во Велика Британија во октомври 2025 година, поставувајќи го тонот за понатамошна координација во однос на регионалната мобилност, економската интеграција и усогласувањето со ЕУ во Западен Балкан.