Родово базирано насилство во фокус: Универзалниот периодичен преглед и улогата на правосудните органи

Како дел од проектот „Судска акција за заштита на човековите права“, Институтот за европска политика (ЕПИ) организираше специјализирана обука за судии и јавни обвинители, фокусирана на родово базираното насилство и улогата на правосудството во процесот на Универзален периодичен преглед (УПП).

Обуката, одржана во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), официјално ја отвори г-ѓа Елин Кристоферсен Ваге, втора секретарка во Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Во воведниот говор, таа ја истакна силната посветеност на Норвешка на поддршка на правдата, човековите права и демократското управување во Западен Балкан.

„Како судии и јавни обвинители, вие не сте само толкувачи на законот – вие сте чувари на правдата. Вашите одлуки имаат директно влијание на жртвите од родово базирано насилство и на довербата кон институциите“, рече г-ѓа Кристоферсен Воге.

Директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, во своето воведно обраќање, им се заблагодари на АСЈО, како и на Центарот за истражување и креирање политики и другите партнерски организации на регионалниот проект SMART Balkans, за тоа што му овозможија на ЕПИ да организира обуки како оваа и да се фокусира на подобрување на заштитата на човековите права во земјата.

Заменик – директорот на АСЈО, Илир Исени, ја истакна важноста на механизмот на УПП на Обединетите нации за правосудството и судиите и јавните обвинители како алатка за подобрување на заштитата на човековите права.

Обуката се фокусираше на механизмот на УПП на Обединетите нации, со посебен акцент на препораките од најновиот циклус за Северна Македонија. Г-ѓа Наташа Бошкова, експертка од проектот на ЕУ за владеење на правото, презентираше преглед на процесот на УПП и ги истакна најновите препораки поврзани со родово базираното насилство. Дополнително, г-дин Игор Јадровски од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се осврна на прашањето за говорот на омраза во контекст на УПП.

Проектот „Судска акција за заштита на човековите права“ е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „SMART Balkans  – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Center for Research and Policy Making (CRPM) и IDM Albania, а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка (Norwegian Embassy in Belgrade).