Вчера ЕПИ ја организираше првата обука за судии и јавни обвинители како дел од нашиот проект „Судска акција за заштита на човековите права“, на тема „Антидискриминацијата во фокус: Универзалниот периодичен преглед и улогата на правосудните органи“.
Обуката се одржа во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, а се фокусираше на улогата на судиите и јавните обвинители во заштитата на човековите права. Поконкретно, г-ѓа Татијана Темелкоска, советничка за човекови права во Канцеларијата на ОХЦХР во Северна Македонија даде Вовед во механизмот на Универзалниот периодичен преглед на Обединетите Нации (ОНН), додека Игор Јадровски од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) постави теоретска рамка на основите на дискриминација. Дополнително, учесниците дискутираа за улогата на КСЗД и можностите за соработка со правосудните органи за исполнување на препораките од последниот циклус на УПП.
Проектот е поддржан од грант Национална интервенција на регионалниот проект „SMART Balkans – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и IDM Albania, а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка (Норвешка амбасада во Белград).