Справување со препреките за излез – Ромите на македонските граници
Демократија и владеење на правото: Справување со препреките за излез – Ромите на македонските граници
Институтот за Европска политика – ЕПИ како партнер на невладината организација КХАМ од Делчево, со финансиска поддршка од страна на Канцеларија за ромски иницијативи, Фондација Отворено општество (Roma Initiatives Office, Open Society Foundations) од Будимпешта, во декември 2015 година започна со спроведување на проектот (“Combating barriers for exit: Macedonian Roma at the borders”) „Справување со препреките за излез – Ромите на македонските граници“. Времетраењето на проектот ќе биде 12 месеци.
Главна цел на проектот е придонес кон менување на јавниот дискурс втемелен на политиките и практиките, претставувајќи ги Ромите како закана за безвизниот режим во Македонија. Специфичните цели се однесуваат на: придонес во поимањето на проблемот со миграцијата на Ромите и забраната да се помине границата како последица на визната либерализација, предлагање активности и јавни политики за отфрлање на пречките во однос на патувањето на Ромите; застапување за промена на практиката за враќање на Ромите од Македонија од граница.
Проектот ќе истражува како процесот на визната либерализација, како инструмент на европеизацијата, резултира во донесување политики кои го ограничуваат слободното движење на етничките Роми во случајот со Македонија. Проектот ќе обезбеди baseline анализа за ситуацијата за враќање на македонските граѓани од граница (со фокус врз Ромите), идентификување на лошо дефинираните јавни политики и практики, препораки за менување на јавните политики и подигнување на свеста околу проблемот со враќањето на Ромите од македонските граници.