Започна втората фаза од четвртиот циклус на УПП за Северна Македонија

Универзалниот периодичен преглед (УПП) беше основан во 2006 година од страна на Советот за човекови права на Обединетите Нации (ООН) како уникатен механизам заснован на принципите на универзалност, соработка, еднаков третман на сите земји-членки и меѓусебен интерактивен дијалог. УПП се сосредоточува на идентификување на предизвиците и можностите за унапредување на човековите права во секоја држава. Со тоа, на земјите-членки им овозможува активно да се вклучат во саморефлексија, да ги истакнат своите напредоци, да ги споделат најдобрите практики, да соработуваат со надворешни и домашни чинители и да преземат заложби за понатамошно подобрување. Освен земјите- членки кои се директно вклучени и разгледувани во целокупниот УПП процес, клучна улога имаат и другите засегнати страни како граѓанските организации, националните институции за човекови права и регионалните организации.

Целокупниот преглед на секоја држава се одвива во пет фази во кои се разгледуваат низа извештаи. Првата фаза вклучува собирање податоци за состојбата со човековите права во државата што се разгледува и завршува со поднесувањето на три извештаи – извештајот подготвен од страна на државата; информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; и информации добиени од засегнатите страни за државата што се разгледува. Во втората фаза, државата што се разгледува го презентира својот извештај пред работната група на Советот за човекови права, во интерактивна сесија на дијалог во Женева. Во третата фаза се подготвува извештај – резиме од интерактивната дискусија за време на прегледот со помош на ОХЦХР, работната група, и известувачките земји, т.н тројката. Четвртата фаза е дискусија за исходниот извештај и неговото донесување на пленарната седница на Советот за човекови права. Петтата фаза од прегледот е последователна фаза во која од разгледуваната држава се очекува да ги спроведе прифатените препораки.

Во моментов Северна Македонија се наоѓа во втората фаза на УПП процесот, односно денес, во 14:30 часот се одржува состанокот на Работната група на УПП на Советот за човекови права на ОН, каде ќе се прегледува состојбата со човековите права во земјата. Дискусијата и прегледот ќе се реализираат врз база на трите поднесени извештаи. Поточно,  ќе се презентираат: државниот извештај од страна на oдговорната институција- Министерството за надворешни работи, резимето на информации подготвено од ОХЦРХ која содржи информации од извештаи на специјалните процедури и други тела на ОН и извештајот подготвен од ОХЦХР кој ги содржи препораките и информациите поднесени од засегнатите страни. Дел од посочените препораки и информации од засегнатите страни, односно заедничките придонеси на граѓанските организации беа презентирани пред земјите-членки на ОН на 46тата претсесија на четвртиот циклус на УПП.Од започнувањето на УПП процесот, Северна Македонија има поминато низ три УПП прегледи и тоа во 2009, 2014 и 2019 година. Во третиот циклус на УПП прегледот во 2019 година добиени се 226 препораки за различни човекови права, од кои најмногу препораки се добиени за правата на жените, правата на децата, меѓународните инструменти, правата на малцинствата, правото на образование, правда, расна дискриминација, правата на лицата со попреченост, работнички права, ЛГБТ, слобода на изразување и национални институции за човекови права. Иако 90% од добиените препораки се поддржани и прифатени од државата, сепак, нивната делумна имплементација предизвикува дополнителни пречки за напредување и заштита на човековите права.

Имајќи ги во предвид недостатоците од делумната имплементација на прифатените препораки од третиот циклус на УПП, ЕПИ ги мапираше правата и областите, клучни за човековите права кои бараат повеќе внимание и дискусија за понатамошно подобрување на ситуацијата. Увидот на кршењето на човековите права и ограничениот одговор на државата кон препораките дадени од работната група на УПП и другите земји-членки е направен преку континуирано мониторирање, анализа, интервјуа, известување, заклучоци и препораки во периодот од четири и пол години. Покрај истражувањето и мониторингот,  се спроведоа и две неформални консултации за националниот извештај со пратеници и граѓански организации, едната организирана од постојаната координаторка и советничка за човекови права на ОН во Северна Македонија, а другата од ЕПИ, во која учествуваше раководителката на Одделението за човекови права при Министерството за надворешни работи.

Областите за кои беше даден детален преглед на имплементација на препораките од третиот циклус и препораки за четвртиот циклус се: национални институции за човекови права (Народен правобранител и Комисија за спречување и заштита од дискриминација), еднаквост и недискриминација, слобода на изразување и слобода на печатот, насилство врз жените и семејно насилство, правата на децата, правата на Ромите, правата на ЛГБТИ лицата, правата на бегалците и мигрантите, и правата на лицата со попреченост. Дополнително, на 46тата претсесија се презентираа и две актуелни прашања, кои бараат брзо и долгорочно решавање, како  прашањето за предизвиците и пречките за независноста и плурализмот на националното тело за еднаквост, односно Комисијата за спречување и заштита од дискриминација; и предизвиците и прекршувањето на економските, социјалните и културните права на лицата со попреченост, односно правото на инклузивно образование.

Подготвениот извештај од ОХЦХР со препораките и информациите поднесени од засегнатите страни како клучен извештај за втората фаза ги има земено во предвид информациите и препораките поднесени од страна на ЕПИ и другите организации, при што се препорачува меѓу друго: да се усвојат амандмани на Законот за народниот правобранител и навремено да се назначат пет заменици народни правобранители за да се спречи компромисот во ефикасното спроведување на човековите права, да се формира фонд во државниот буџет поврзан со спроведување на Законот за правда за децата и да се распределат доволно финансиски средства за да се обезбеди формирање и активно функционирање на општински совети за превенција, подобрување на квалитетот на животот на Ромите, ратификација на Конвенцијата на работничките права на мигрантите.

 

 

Comments are closed.