Грантистите од програмата „Човековите права во практиката“ се запознаа со процесот на УПП
Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, додели седум грантови од програмата „Човековите права во практиката“ во рамки на проектот „Заедничка акција за човекови права“. Организациите ќе работат на проекти во една од приоритетните области на Универзалниот периодичен преглед на Обединетите нации.
На 17 и 18 јули во Скопје се одржа работилница за организациите Центар за европска граѓанска иницијатива, Легис, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Двојна надеж, Здружение за сексуални и родови малцинства Квир Центар – Скопје, Здружение Мултикултура и здружението на граѓани Ромаверзитас кои се добитнички на грантовите.
На работилницата на организациите им беа презентирани насоките за административно и финансиско работење, како и правилата за видливост од страна на тимот на ЕПИ. Дополнително, организациите ги презентираа целите и очекуваните резултати од своите проекти.
Освен меѓусебното вмрежување и запознавање со проектите на дводневната работилница се одржаа и предавања и дискусии за подобро запознавање на избраните организации со процесот на подготвување на Универзалниот периодичен преглед и нивната улога во давањето препораки и лобирањето пред релевантните тела.
За подготовката на УПП зборуваа Тања Темелкоска – советничка за човекови права во канцеларијата на Постојниот координатор на Обединетите нации во земјава, Тања Диневска од Министерството за надворешни работи и Игор Јадровски – како експерт со искуство во подготвувањето на препораки за УПП.
Биљана Гинова, УПП експерт_ка на учесниците на работилницата им го разјасни процесот на подгоотвување препораки за УПП и направи поврзување на УПП со ЕУ. Повеќе практични искуства од учество во УПП процесот споделија Елена Кочоска од Полио Плус – движење против хендикеп, Светлана Црвеновска од Македонското здружение на млади правници и Наташа Бошкова од Коалиција Маргини.
Грантистите своите проекти ќе ги спроведуваат во следните осум месеци, а првите месеци од истите ќе ги постветат на подготвување препораки за Универзалниот периодичен преглед на ОН.
Грантовата шема „Човековите права во практиката“ се спроведува во рамките на проектот „Заедничка акција за човекови права“, кој го спроведува ЕПИ, а е финансиран од Европската Унија.